Friday, January 22, 2010

Архитектурата и општеството

УСЛОВИ И ФАКТОРИ НА ВЛИЈАНИЕ

[извадок од Светот на архитектурата – Урош Мартиновиќ]

Главната цел на архитектурата е да ја прилагодите на времето, местото и современиот човек.

Архитектурата е резултат на одредени услови: општеството, времето и просторот. Бруно Зеви ги класифицира тие услови во четири основни групи: социјални, интелектуални, технички и естетски услови.Тука се, пред се’, сите оние објективни и конкретни општествено-економски услови кои влијаат на формирање на општествената свест, односот меѓу луѓето, нивото и распоредот на економскиот потенцијал, производната сила, институциите итн. Секое општество има архитектура каква што сака, може и заслужува да има. Архитектонското дело е производ на одреден општествен програм и договор. Нема архитектура надвор од непосредната сфера на општеството како историска категорија. Никаква сила на личноста неможе да го оттргне делото од оковите на времето во кое настанува.

Архитектурата на одредени историски епохи и општествени формации, носи со себе сосема одредена стилска премиса под која можат да се осетат длабоките и сложените процеси во рамките на структурата на општеството.

Грандиозните споменици на Египет, Месопотамија и древните култури на Истокот и Америка одразуваат еден посебен свет на сфаќања на животот и смртта.

Класичните објекти од Грција ја симболизираат пред се, возвишеноста и достоинството на духот на слободниот граѓанин.

Римските споменици се обидуваат со своето богатство и величина да ја одразат големината и моќта на Империјата.

Мистицизмот и затвореноста на средновековното општество гради свој стил на архитектура која меѓу другото укажува на значањето и местото на религијата во рамките на самото општествено уредување.

Барокниот стил, симбол на новиот свет, ред и виталност, воведува во историјата нови општествени сили ослободени од предрасудите на минатото.

Класицизмот и еклектиката најцелосно ја одразуваат духовната криза на новата буржуазија. Класицистичката епоха во архитектурата можеби со премногу сарказам, но со многу вистина е оценета како голема будалаштина на 19тиот век. Триумфалната порта и Операта во Париз се само два примера за лажната духовна моќ на општеството. 

Епохата на еклектицизмот ја карактеризира пред се’, позајмување на елементи од најразлични минати епохи и стилови како резултат на отсуство на соптсвена инспирација за создавање на нешто ново и автентично. 

Романтизмот пак не’ враќа во блиското или подалечното минато каде се бара инспирација за изгубената врска со современоста, а тоа значи и буквално пресликување на објекти од соптвеното или од нечие друго минато, на кое романтичарите се восхитуваат.

Модерните сфаќања за архитектурата на нашето време, се обидуваат да се вклопат во општиот напор на прогресивните сили на светот кои ги бараат патиштата до едно похумано и еколошки свесно општество, кои на човекот би му го вратиле атрибутот на достоинство, но и свеста и одговорноста која ја поседува кон просторот што го споделува со сите останати видови на планетата.

Меѓутоа би било премногу лесно да се претпостави или да се земе здраво за готово, дека одредени општествено-економски и други предуслови автоматски се одразуваат на сликата на сопствената надградба. Со таква дијалектика на детерминизам веројатно не би стигнале предалеку. Противречностите на општествените состојби и движења се толку сложени што би било премногу наивно да се сведат на некои праволиниски едначења на толкувањето на светот и појавите во него.

Проблемот на секоја историска анализа лежи во сразмерот на интелектуалниот и креативниот напор на откритијата, оние одлучувачки фактори кои секое дело на човекот повеќекратно го одредуваат. Затоа не мора секогаш и по правило доминантната идеологија да ја одразува објективната слика на стварноста, основниот карактер на нејзината општествена база; таа може, не ретко, да навести една друга и поразлична слика на можен развој на општественото движење. Тоа се всушност оние значајни моменти на историскиот тек, кога противречностите се разрешуваат во самата промена на општествената база, нејзината основна структура.

Архитектурата во својата суштина е авангардна и визионерска; нејзините дела се реализираат денес,како би можеле да задоволат утре. Можеби тука лежат многу елементи на невољите и неспоразумот околу уметноста на градењето; архитектурата како најстара и најдемократска човекова преокупација чии дела се најдлабоко поврзани со идните интереси на човекот, останува во многу од своите рефлексии на егзистенцијата, туѓа и несфатлива за “просечниот” граѓанин на современиот свет. Уметникот мора да го создава она што публиката допрва ќе го засака, а не тоа што веќе го сака, кажува Гете, и продолжува: Не постои ништо во минатото што би требало да го посакуваме; постои само вечно ново, кое се обликува над елементите од минатото;  вистинската желба секогаш треба да е насочена кон продукција на нешто ново и подобро…

Човекот секогаш го градел светот според својот лик и потреба, секогаш со идејата да се потврди и да се продолжи во вечноста, па дури и тогаш кога доживувал длабоки порази, но и кога отворал нови перспективи и видици за своето постоење.

На радоста и распеаноста на ренесансниот дух, му претходи цела скала на човекови расплоложенија кои се менувале низ вековите во потрагата по нови вистини и облици на своето живеење. Кога ќе ја изгуби вербата во сопствената моќ, човекот очајнички им се навраќа на делата од минатото, барајќи во нив утеха за својот изгубен дух. Не е ли тоа само еден од оние распони на историскиот циклус каде старите вистини се преточуваат како ново вино во стари бочви?! Не сме ли можеби престроги и немилосрдни кон еклектицизмот на претходниот век, а во исто време благонаклонети кон епохата на ренесансата?! (сепак Вазари кажува: архитектите на ренесансата ја поддржувале класичната архитектура на Грција и Рим, но со освојата уметност ја збогатиле со нова убавина на која денес и’ се восхитуваме). Меѓутоа среќа за човековиот вид е неговата способност побрзо и полесно да заборава отколку да памети.

Во секој случај, излетот во минатото е наједноставното и најудобното од сите можни “бегства” кои човекот ги прави за, барем привремено, да ги реши современите непогодности.


Со одредена доза на нескриена тага и загриженост, Зигфрид Гидоен ги развива своите погледи кон актуелните прашања на современиот свет на архитектурата. Можеби претерува во своите песимистички чуства кога ги валоризира вредностите и перспективите на понатамошниот развој и кажува дека ниедна епоха немала толку многу средства, а во исто време толкав недостаток на талент да ги употреби, како што е тоа случај со епохата во која живееме.



No comments:

Post a Comment