Showing posts with label скопје. Show all posts
Showing posts with label скопје. Show all posts

Monday, April 22, 2013

Враќање на градското зеленило спроти Бристол?

Да се потсетиме: (26.09.2011) Невообичаено, во 5 часот наутро помеѓу петок и сабота советниците од општина Центар ги донесоа измените на ДУП „Го­лем ринг,  ју­жен дел – ис­ток“ за изградба на две нови десеткатни згради во зелениот простор спроти хотелот „Бристол“.

И покрај собраните потписи од 1.400 граѓани од урбаната заедница „Роберт Гајдиќ“ против изгласаните измени од Советот на општина Центар, во парковското зеленило спроти хотелот „Бристол“се поставија маркици за два нови административни објекти со височина од 29 метри.“

На 19.03.2013 во циклусот Изборни интервјуа на 24 Вести, гостуваше кандидатот за градоначалник на о. Центар, Владимир Тодоровиќ, во чиј мандат се поставија градежните маркички. Тој го искажа својот личен став за уништувањето на зеленилото спроти Бристол, а за истото ги обвини архитектите.
Новинарката: Опозицијата ве обвинува дека во програмата нудите транспарентност и дека ве интересираат проблемите на граѓаните, ама кога го уништивте паркот спроти Бристол и кога преку ноќ сте го смениле планот, велат шверцерски, воопшто не ве интересирале граѓаните туку вашите лични интереси.
В.Тодоровиќ.: Видете искрено бев против тоа. Јас бев против архитектите кои го даваа предлогот и туркаа да се изградат на таа локација овие објекти. Нема тука личен интерес. Тука е инвестиција од страна на државата.



ГРАДСКО ЗЕЛЕНИЛО
Зелените слободни површини, освен што се наменети за одмор и релаксација на граѓаните, го подигаат квалитетот на живеење и претставуваат еден од основните хигиенски елементи во градот.
Тие се во значајна мера регулатор на микроклимата во населбата. Зеленилото повлечено низ градот, низ станбените блокови и улици, влијае на смалување на градската бука, прашина и чад. Дрвјата со лисја и развиени крошни  влијаат на  ударната сила на ветерот, го олеснуваат таложењето на честиците прашина  и ги заштитуваат површините од претерано осончување.
Со подигнување на градско зеленило, извесен дел на јаглерод диоксид може да се елиминира по пат на природна асимилација, и тоа приближно 0,4l (што одговара на 0,8г CO2 на 0*C и 760mm Hg) по m2 вегетација на час. Освен зеленилото, важен фактор во прочистување на амбиенталнот воздух од  јаглерод диоксид е воздушното струење – ветер. Доколку при урбанистичкото планирање се изврши правилно поставување на улиците и групирање на објектите и зелените површини,  тогаш ќе се обезбеди  потребната аерација во населбата, а со тоа и подобар квалитет на амбиенталниот воздух.
Последните анализи на градското зеленило во централното подрачје на Скопје, укажуваат на неконтролирано намалување на зелените површини и дрвниот фонд, што е резултат на неоформеното законодавство, непостоењето на институционална организациска структура за планирање, развој и заштита на градското зеленило, како и на неодговорниот однос на државните, градските и општинските институции кон градското зеленило.  


Зеленило спроти Бристол
Во оваа прилика би сакале да изјавиме дека и ние, како и г-динот Тодоровиќ, 1.400те граѓани од урбаната заедница „Роберт Гајдиќ“ и новиот градоначалник на о. Центар, сме против архитектите кои го дале предлогот да се градат десеткатници во зеленилото спроти Бристол.
Со оглед на тоа што веќе се извршени значителни земјени работи на предметната локација, размислувавме во насока на искористување на ископот  за смесување на подземен  простор за паркирање, а надземниот дел да биде повторно наменет за подигнување на градско зеленило (кое може да се уреди, на пример, преку распишување на конкурс на кој ќе учествуваат студентите од Архитектонските факултети :)
Во прилог ги доставуваме нашите, набрзинка склопени, фото-монтажи.



Tuesday, January 19, 2010

Прва Архи Бригада против ЅИДОТ НА КИЧОТ

ПОЧИТУВАНИ ГРАЃАНИ,

Во изминативе две години Владата на Р. Македонија најмногу од се’ се занимаваше со разобличување на центарот на нашиот град. Изготвија повеќе измени на деталниот план за Малиот ринг и тоа по скратена и нетранспарентна постапка, без никаква јавна дебата која би требало да претходи за вака крупни промени. Стручната јавност е согласна дека во моментов се прават едни од најголемите урбанистички и архитектонски грешки во Скопје.

Ние како студенти на државниот Архитектонски Факултет и млади архитекти сакаме да го искажеме нашето мислење.

Со најновите измени на ДУПот продолжува нападот врз јавните простори на левиот брег на Вардар. Не се почитува растојанието кое мора да го имаат објектите од коритото на реката. Границата до која е дозволено да се гради е осмислена одамна пред се’ поради безбедносни причини, но и со цел да формира слободна пешачка зона покрај самата река. Доколку се почитува таа граница при планирањето, лесно може да се заклучи дека речиси нема место за нови градежни маркички на тој простор.






- новите измени во ДУПот


На левиот брег на реката Вардар пред земјотресот постоеле објекти од културата (стариот театар, филозофскиот факултет, библиотеката), па затоа и во плановите по земјотресот на овој простор е предвиден комплексот на Kултурниот центар. Според победничкиот проект на словенечката група Биро 77, волумените на филхармонијата, оперско-балетската зграда и киното, просторно создаваат еден вид на школка, односно плато или летна сцена, отворена кон реката и идеална за различни културни случувања. За жал коплексот е само делумно изграден, затоа што ниедна досегашна влада не пројави интерес во целост да го реализира проектот.





- просторен модел на Културниот центар – проект: Biro 77 (1979)

Со најновите измени на ДУПот се прави директен упад на платото пред МОБ -она што треба да се доразвие во скопски културен центар. Се узурпира јавниот простор за општа употреба и се предвидува изградба на државни институции од затворен тип (Државен архив, Уставен суд, Јавно обвинителство и Финансиска полиција, Агенција за електронски комуникации, Министерство за надворешни работи). Помеѓу сите овие маркички на самото плато се поставува и некаков амфитеатар заобиколен со полукружна античка колонада, која има за цел да го сокрие МОБ- еден од најзначајните објекти на скопската архитектура од 20тиот век и објектот на новата филхармонија (во изградба). Колонадата со амфитеатарот е предвидена како објект со намена култура, меѓутоа мала е веројатноста дека за време на жешките скопски лета граѓаните слободно ќе се собираат во дворот на Финансиската полиција, Јавното обвинителсво или пак Министерството за надворешни работи, за да уживаат под будното око на обезбедувањето на институциите. Ова е само уште еден доказ за нелогичноста на овие градежни површини.

Уште еден од проблемите кои се провлекуваат е форсирањето на некаков “антички” стил во обликувањето на новопланираните објекти. Овие чудни карикатури на така наречени “антички” или “барокни” објекти нема да имаат апсолутно никаква архитектонска вредност ниту за нас, ниту за евентуалните туристи на кои сакаме да им покажеме античко минато. Дури и да се изѕидаат со камења од Стоби, тие никогаш нема да претставуваат антички градби, туку само белег на фрустрација, основно непознавање на историјата на архитектурата и уметноста и упорно игнорирање на мислењето на стручната јавност.


Сo овие измени и со претходните, се предвидуваат уште низа урбанистички и архитектонски грешки:

- Повеќето од предвидени катни гаражи се несоодветно поставени, затвораат фасади и визури кон едни од најважните архитектонски дела во Скопје – Телекомуникацискиот центар и хотелот Холидеј Ин

- Поместување на локацијата за мостот на цеќето кој требаше да ги поврзе ГТЦ и Културниот центар. Со новите измени мостот на левиот брег завршува директно во објект

- Поставување на огромен обелиск во паркот Жена борец, со што комплетно ќе се наруши хуманиот карактер на паркот. Тука се планира и подземен паркинг, што значи дека под паркот ќе се бетонира, а со тоа ќе се наруши и централниот градски биодиверзитет

- Чудна подземна и надземна инфраструктура, која, по логиката на нештата, би требало да се изгради пред се’ останато, за да се овозможи непречено функционирање на објектите кои се веќе во изградба или ќе се градат…

Конечно добивме влада која сака да инвестира во изградба на нови капитални објекти, но за жал шансата да направи нешто навистина вредно, во светски рамки, ја пропушти заради теснопартиски интереси, игнорантност и идеолошки фрустрации. Она што ни преостанува како граѓани и архитекти е да ги сочуваме просторите кои се нападнати со последните измени на ДУПот и да не дозволиме да го доизградат ЅИДОТ НА КИЧОТ на левиот брег на Вардар.



---------------------

http://www.anglia.ac.uk/ruskin/en/home/faculties/alss/deps/law/staff0/home.Maincontent.0014.file.tmp/No7-Skopje.pdf


http://217.16.70.245/default.aspx?pbroj=1687&stID=29384&pdate=20050128