Monday, April 22, 2013

Враќање на градското зеленило спроти Бристол?

Да се потсетиме: (26.09.2011) Невообичаено, во 5 часот наутро помеѓу петок и сабота советниците од општина Центар ги донесоа измените на ДУП „Го­лем ринг,  ју­жен дел – ис­ток“ за изградба на две нови десеткатни згради во зелениот простор спроти хотелот „Бристол“.

И покрај собраните потписи од 1.400 граѓани од урбаната заедница „Роберт Гајдиќ“ против изгласаните измени од Советот на општина Центар, во парковското зеленило спроти хотелот „Бристол“се поставија маркици за два нови административни објекти со височина од 29 метри.“

На 19.03.2013 во циклусот Изборни интервјуа на 24 Вести, гостуваше кандидатот за градоначалник на о. Центар, Владимир Тодоровиќ, во чиј мандат се поставија градежните маркички. Тој го искажа својот личен став за уништувањето на зеленилото спроти Бристол, а за истото ги обвини архитектите.
Новинарката: Опозицијата ве обвинува дека во програмата нудите транспарентност и дека ве интересираат проблемите на граѓаните, ама кога го уништивте паркот спроти Бристол и кога преку ноќ сте го смениле планот, велат шверцерски, воопшто не ве интересирале граѓаните туку вашите лични интереси.
В.Тодоровиќ.: Видете искрено бев против тоа. Јас бев против архитектите кои го даваа предлогот и туркаа да се изградат на таа локација овие објекти. Нема тука личен интерес. Тука е инвестиција од страна на државата.



ГРАДСКО ЗЕЛЕНИЛО
Зелените слободни површини, освен што се наменети за одмор и релаксација на граѓаните, го подигаат квалитетот на живеење и претставуваат еден од основните хигиенски елементи во градот.
Тие се во значајна мера регулатор на микроклимата во населбата. Зеленилото повлечено низ градот, низ станбените блокови и улици, влијае на смалување на градската бука, прашина и чад. Дрвјата со лисја и развиени крошни  влијаат на  ударната сила на ветерот, го олеснуваат таложењето на честиците прашина  и ги заштитуваат површините од претерано осончување.
Со подигнување на градско зеленило, извесен дел на јаглерод диоксид може да се елиминира по пат на природна асимилација, и тоа приближно 0,4l (што одговара на 0,8г CO2 на 0*C и 760mm Hg) по m2 вегетација на час. Освен зеленилото, важен фактор во прочистување на амбиенталнот воздух од  јаглерод диоксид е воздушното струење – ветер. Доколку при урбанистичкото планирање се изврши правилно поставување на улиците и групирање на објектите и зелените површини,  тогаш ќе се обезбеди  потребната аерација во населбата, а со тоа и подобар квалитет на амбиенталниот воздух.
Последните анализи на градското зеленило во централното подрачје на Скопје, укажуваат на неконтролирано намалување на зелените површини и дрвниот фонд, што е резултат на неоформеното законодавство, непостоењето на институционална организациска структура за планирање, развој и заштита на градското зеленило, како и на неодговорниот однос на државните, градските и општинските институции кон градското зеленило.  


Зеленило спроти Бристол
Во оваа прилика би сакале да изјавиме дека и ние, како и г-динот Тодоровиќ, 1.400те граѓани од урбаната заедница „Роберт Гајдиќ“ и новиот градоначалник на о. Центар, сме против архитектите кои го дале предлогот да се градат десеткатници во зеленилото спроти Бристол.
Со оглед на тоа што веќе се извршени значителни земјени работи на предметната локација, размислувавме во насока на искористување на ископот  за смесување на подземен  простор за паркирање, а надземниот дел да биде повторно наменет за подигнување на градско зеленило (кое може да се уреди, на пример, преку распишување на конкурс на кој ќе учествуваат студентите од Архитектонските факултети :)
Во прилог ги доставуваме нашите, набрзинка склопени, фото-монтажи.