Showing posts with label скопје 28 03. Show all posts
Showing posts with label скопје 28 03. Show all posts

Tuesday, May 4, 2010

Изложба СКОПЈЕ 28 03 - надградена и проширена

од  04.05.2010 до 10.05.2010 во Културен центар ЦК



На 28. Март 2010 на плоштадот Македонија со симболична изложба Скопје 28 03, одбележавме 1 година од Првото архитектонско востание. Поради голем интерес изложбата, надградена и проширена, ја поставивме во културниот центар ЦК. Овој настан е мал обид да го сумираме она што му се случуваше на Скопје во изминатиов период, да се соочиме со реалноста и да размислуваме за новите предизвици. Симболично да покажеме дека при планирање на градот потребна е дебата,  стратегија,  различни идеи, избор,   транспарентност, слободна творечка мисла и вистинска јавна презентација.

Изложбата ќе трае од денес 4 мај до 10 мај и во склоп на истата ќе може да ги погледнете

- Скопје Zeitgeist – актуелните архитектонски и урбанистички случувања

- Запознај го градот [Модерно Скопје] - дел од архитектонското богатство на Скопје од периодот на Модерната

- Студентски проекти - доброволно учество на студентите од Архитектонски факултет

- Конкурсни решенија на одредени локации во Скопје за кои јавноста не е доволно информирана


Jавна анкета за измени на ДУП- Мал ринг
Последните измени на ДУП-от за централното подрачје беа донесени по скратена и нетранспарентна постапка, а јавните презентации и анкети беа организирани за време на летните одмори и новогодишните празници. Со оваа јавна анкета сакаме да им овозможиме на граѓаните да го искажат своето мислење за измените на ДУПот за Мал ринг, а пополнетите анкетни листови ќе ги доставиме до советот на Општина центар.



Во Четврток 06.05.2010 // 20:30ч.

Проекција на кратко видео за протестот на 28.03.2009
Видеото ги документира случувањата околу протестот „Прво архитектонско востание“ кој беше насилно прекинат.

Разговор за Скопје
Преку разговор со оние кои и понатаму ќе живеат и ќе создаваат архитектура во новонастанатиот урбан контекст, ќе се обидеме да одговориме на одредени прашанња, да антиципираме одредена реалност, на што и да се базира истата. И секако, најмногу од се', да го направиме тоа што сега не постои: да планираме и размислуваме за градот и неговите потреби заедно и отворено.



ПРВА АРХИ БРИГАДА
Неформална група на студенти

од Архитектонски факултет и млади архитекти

Saturday, March 27, 2010

Одбележуваме 1 година од ПРВОТО АРХИТЕКТОНСКО ВОСТАНИЕ!



Драги пријатели,

Одбележуваме 1 година од ПРВОТО АРХИТЕКТОНСКО ВОСТАНИЕ!

На 28.03.2009 ние, студентите од Архитектонски факултет, здружени под името ПРВА АРХИ БРИГАДА и поддржани од група граѓани се обидовме јавно да го изразиме нашето незадоволство од неконтролираното разобличување на градот, а во обидот бевме спречени од „спонтано“ собрана група на контрапротестанти.
Нашите барања не беа слушнати, а јавната дебата која следеше се сведе на партиски препукувања, про/контра верски објекти, дисквалификации, етикетирања и прекршочни пријави за нас, организаторите на мирниот протест.

Во меѓувреме разобличувањето на градот продолжи со уште поголем замав, а стручните мислења и понатаму се игнорираа. Организаторите на мирниот протест беа ослободени од обвинение, а тепачите се бранеа со депресија.
Следуваа нови измени на плановите и нови градежни маркици кои узурпираат јавни површини. Наместо интернационален конкурс на кој би биле понудени различни урбанистички решенија за центарот на градот, добивме ЕДНА визуелизација- ЕДЕН готов производ работен зад кулисите.

Бараме наместо една фирма која постојано ги изготвува плановите, одговорните институции да организираат интернационален конкурс за Детален урбанистички план за центарот на Скопје, по сите препораки на Светската унија на архитекти, со претходни опсежни анализи и стручни дебати, врз основа на кои би се изготвила проектна програма за тоа што му е потребно на градот. Тоа е нивна обврска кога станува збор за вака круцијален проект. Веруваме дека таквата постапка може да понуди повеќе решенија од кои ќе го избереме најдоброто за градот и граѓаните.

Затоа ве покануваме на настанот СКОПЈЕ 28 03 на кој со изложување на архитектонски проекти, сакаме симболично да укажеме дека при планирање на град потребна е дебата, изготвување на стратегија, натпревар на идеи, избор на најдоброто од сите понудени решенија, транспарентност, слободна творечка мисла и вистинска јавна презентација.
За да ја доближиме пораката до сите граѓани, изложбата ќе биде поставена на дел од металните паноа со кои е ограден плоштад Македонија. Таа ќе се состои од 3 дела:

СТУДЕНТСКИ ПРОЕКТИ – со доброволно учество на студентите од Архитектонски факултет
ЗАПОЗНАЈ ГО ГРАДОТ [Модерно Скопје] – дел од архитектонското богатство на Скопје од периодот на модерната
КОНКУРСНИ РЕШЕНИЈА за одредени локации во Скопје – за кои јавноста не е доволно информирана

Сакаме да упатиме повик до сите архитекти и студенти на факултетите за архитектура да се придружат на овој настан со постер од сопствениот омилен проект.
- – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – - – -
* За ставовите на ПРВА АРХИ БРИГАДА може да прочитате на блогов
* Оваа изложба нема никаква партиска позадина, организирана е со самофинансирање и ги повикуваме посетителите да не носат партиски обележја
* Однапред се оградуваме од употреба или злоупотреба на изложбата во партиски цели