Showing posts with label скопје2014. Show all posts
Showing posts with label скопје2014. Show all posts

Friday, March 26, 2010

Промоција на првите 3 книги од новата едиција „Градот“



Еден од нашите текстови, првично постиран на овој блог, се најде во една од трите книги од новата едиција “Градот“. 

--------------------------------------------------------------------------------
Кога Гилгамеш, легендарниот сумерски принц и авантурист, се враќал од своите опеани талкања, најпрвин се симнувал во водата на одбранбениот круг околу тврдините и ја завлекувал раката во калта за да провери дали добро се држат темелите на градот.
Веројатно се плашел од тонењето на својот мил град, Урук.
Оваа нова едиција, чии први три книги ги претставуваме, има намера, меѓу другото, да ги преиспитува и чува темелите пред сѐ на нашиот сопствен град, но и духовните темели на градот сфатен како цивилизација, пристојност и толе­рантност. Како што потсетува големиот архитект, урбанист и писател, Богдан Богдановиќ, зборот урбанитет од 14 век па сѐ до денес во повеќето европски јазици го означува истото: артикулираност, стокменост, усогласеност на мислата и зборот, зборот и чувството, чувството и движењето...
Во првите две книги од едицијата „Градот“ застапени се вкупно 27 автори со 31 прилози. Станува збор за следниве автори: Георги Константиновски, Борис Чипан, Јасмина Силјаноска, Ана Ивановска, Минас Бакалчев, Јован Ивановски, Владимир Петрушевски, Небојша Вилиќ, Сузана Милевска, Копач, Арвидас Кртина, Ирена Цветковиќ, Пандалф Вулкански, Мирослав Грчев, Драган Поповски, Влатко П. Коробар, Радмила Шеќеринска, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, Мерсел Биљали, Жарко Трајаноски, Дејан Буѓевац, Петрула Костовска, Ана Ангелова, Томислав Османли, Ристо Лазаров, Михаил Токарев, Прва Архи-бригада. Им благодариме на сите нив за љубезноста и за правото текстовите да ги реобјавиме. Им благодариме и на медиумите каде што текстовите првично беа публикувани: Утрински весник, Дневник, Окно, Глобус, Сега, Нова Македонија, Фокус, Капиталpab.blog.mk иfemgerila.crnaovca.mk.
Главен поттик за едицијата е несреќниот проект „Скопје 2014“ пред два месеци, низ видео спот, промовиран од Владата на Република Македонија. Колку тој проект е несреќен и длабински промашен повеќе-помалку зборуваат педесетината текстови објавени во првите три книги на едицијата.
При подготовките на книгиве една од поважните забелешки беше следнава: зошто не ги пренесуваме и ставовите на авторите на проектот и на луѓето кои го одобруваат? Одговорот е прост: авторите на проектот се тајни; нема со кого да се полемизира. А што се однесува до незастапеноста на „другата страна“ има многу причини зашто во книгава ги нема апологетите на архитектонските проекти на ВМРО ДПМНЕ; најголемата причина е тоталитарната природа на актуелната македонска власт. Тоталитарно, во случајов, значи тотално неотстапување од замисленото и наполна игноранција на сите спротиставени мислења, без разлика дали се експертски или едноставно граѓански. Во таквата поставеност на работите, кога власта невидено силеџиски ги наметнува своите политички агенди (многу често тајно, зашто проектот „Скопје 2014“ се одвива од 2006, како што призна Мартин Протоѓер, а се промовира во 2010, како свршен чин) нема никаква логика ионака узурпираниот и корумпираниот јавен простор дополнително да го загадуваме со платените мислења на тезгарошите и на исплашените.
Најпосле, до кога ќе ја тераме таа лажна рамноправност, дека и игнорантот и експертот имаат подеднакво право да коментираат и одлучуваат за важни општествени прашања кои треба да бидат заштитени од политички и популистички манипулации и злоупотреби? Зошто да му дадеме рамноправен простор на некој што го сметаме за деструктивен, глуп и изманипулиран од моќта? Ние, издавачите на книгиве, држиме до тоа дека не се рамноправни сите ставови и мислења, иако сите луѓе законски се еднакви. Како што вели адвокатот Срѓа Поповиќ, секој има право, пред законот, да го соопшти своето мислење, но тоа не значи дека сите искажани мислења се еднакви. Таквата еднаквост не постои. Секогаш ќе постојат подобро аргументирани мислења, како и глупави, пропагандни или празни мислења. Постојат и објективни начини да се процени заснованоста на некое мислење. На пример, кредибилитетот на личноста. Неговата биографија. Неговата стручност. Нивото на општото знаење. Оној што лажел еднаш - голема е веројатноста дека ќе лаже пак.
Всушност, да го парафразираме Поповиќ, она што на извртувачите и на силеџиите најмногу им пречи во нашето мислење е што ние ја носиме вистината за нашиот современ миг, за владеењето на Груевски. Таа вистина е страшна и многумина луѓе би замижале пред таа вистина. Но, замижувањето нема да нѐ спаси. Напротив. Тоа мижење (од страв, од комфор...), само ќе го зголеми нашето пропаѓање. Заради тоа и решивме не само да не мижиме туку и отворено да зборуваме за она што го гледаме и чувствуваме.
Ја покренуваме оваа нова едиција на граѓанскиот отпор и зашто се обидуваме да го ширеме учењето дека главната карактерна црта на слободниот граѓанин, според Хана Арент, е храброста; но не исклучителниот хероизам на Ахил или дури дрската неустрашивост на некои од нашите партизани, туку просто секојдневната спремност да се напушти „приватното засолниште” и да се говори и дејствува во јавноста, да се раскрива и изложува сопственото мислење. „Храброста е политичка доблест од највисок ред, но тоа не е онаа храброст која стои наспроти кукавичлакот туку повеќе онаа која стои наспроти стравот од неизвесното.”
Никола Гелевски,
Уредник на едицијата „Градот“

ЛИНК http://okno.mk/node/5047

Tuesday, February 23, 2010

За Прва Архи Бригада

„Прва Архи Бригада“ не е невладина организација, туку неформална група на студенти од Архитектонски факултет и млади архитекти. Оваа група се формираше минатата година (2009) во март, со цел јавно да го искажува ставот за архитектонските и урбанистичките случувања во нашиот град. Главна инспирација за формирањето на нашата група беа архитектонските грешки кои веќе се направија (Влајко, Кинескиот ѕид, обновата на Кермез во дуплиран волумен, Спомен домот на Мајка Тереза, станбените згради т.н. торти) како и нетранспарентните конкурси и измени на ДУПот за Малиот ринг, поставување на градежни маркици на неприкладни места без притоа да се отворат јавни стручни дебати и секако игнорантскиот однос на актуелната власт кон целата стручна јавност. Нашата прва акција беше протестот на  28.03.2009, познат како Прво Архитектонско Востание кој меѓу другото беше против нелогично поставената парцела предвидена за изградба на црква. Оваа акција ја поддржаа неколку неформални групи и граѓани кои се противеа на идејата за изградба на црква од различни аспекти (секуларност, економска неоправданост, мултиконфесионалност, затворање на визури кон најавениот споменик на Александар и сл.). Акцијата ја финансираа студентите- архибригадири кои дадоа по 100 денари за се да купат 100 хамери и 2 спреја (вкупно околу 2300 денари) за израборка на транспарентите “Не го силувајте Скопје”. Исто така беа испринтани околу сто А4 листови на домашни принтери со изјави до медиумите и со објаснение на нашите ставови.
Следната акција на Прва Архи Бригада беше на 28.01.2010 против усвојување на новите измени за ДУПот за Мал ринг кои предвидуваа поставување на градежни маркици за државни институции на левиот брег на Вардар- на платото пред МОБ и новата филхармионија, како и несоодветно поставување на катни гаражи кои затвораат фасади и визури кон некои од најзначајните објекти на Скопје (Телекомуникацискиот центар и Холидеј Ин). Јавната анкета за измените на планот беше во периодот на новогодишните и божиќните празници, па скоро никој немаше можност да даде свој коментар за измените. Затоа неколку наши членови се собраа пред Општина Центар за да им поделат 20 писма на советниците, (испринтани на домашни принтери)  со аргументи зошто не треба да се усвои планот. Исто така им предложивме на советниците наместо фирмата која цело време ги изготвува плановите и предлага поставување на нелогични градежни маркици, да се распише конкурс за ново урбанистичко решение, преку кој ќе се пронајдат соодветни локации за изградба на државните институции.



Што се однесува до проектот „Скопје 2014“, Прва Архи Бригада досега реагираше само со изјави до медиумите каде ги образложи своите ставови за зачувување на платото пред МОБ и новата филхармонија и за дооформување на Културниот центар со изградба на објекти од културата (галерии, музички студија, продавници за инструменти, апартмани за уметници, работилници и сл.). Спонтаниот собир на плоштадот против проектот „Скопје 2014“ беше инициран од група граѓани, а следниот протест беше организиран од неформалното здружение „Плоштад Слобода“ и од невладината организација „Разбуди се“. На неколку медиуми активностите на „Плоштад Слобода“ беа погрешно пренесени како активности на „Прва Архи Бригада“. Ние имаме слични ставови со „Плоштад Слобода“ и затоа ги поддржуваме, но не би сакале медиумите погрешно да го употребуваат нашето име за активностите на било која друга група.

Инаку како Прва Архи Бригада досега учествувавме на неколку работилници на тема архитектура и урбанизам во Скопје; учествувавме и на Форум Скопје каде приложивме некои анализи и идејни решенија за одередени делови на градот; испративме  наша презентација за архитектонско-урбанистичките случувања  во Скопје на неколку регионални настани и изложби ( LINES [NOT] TO BE CROSSED – Виена; Cities Log-Tirana International Contemporary Art Biannual- Тирана; MISSION LESS PROBABLE, Контекст галерија- Белград). Досега немаме издадено никакви брошури или флаери, a своите ставови ги објавуваме на социјалните мрежи и на нашиот блог за 0 денари.
----------------------------

Новата зграда на Кривичниот суд во Скопје – Il Palazzaccio

„И новиот Кривичен суд ќе биде изграден во антички стил, со високи бели столбови и широки скали. По Уставен суд и Обвинителството, кои како дел од проектот „Скопје 2014“ треба да добијат антички лик, и новата судска зграда е проектирана во ист стил.  Министерот за правда Михајло Маневски не гледа ништо спорно тоа што новиот објект ќе отстапува од начинот на градба на целиот судски комплекс, кој е со современа градба.

„Не знам што се тоа антички градби. Секаде во светот судовите се монументални градби и репрезентативни објекти“, рече Маневски. Тој потврди дека иако на конкурсот имало и други идејни решенија, изборот на комисијата паднал токму на ова архитектонско решение. Проектната документација за скопскиот Кривичен суд е изработена од македонска и од италијанска фирма, (ИРД инженеринг од Италија, и Еуроконсалтинг од Македонија) добиено е одобрение за градење, а деновиве е објавен и меѓународен тендер за избор на најдобра понуда за изведувач.“ (Утрински)


За жал и новиот Кривичен суд во Скопје, наместо современ објект кој би одговорил на новите потреби на граѓаните и вработените, и кој меѓудругото би можел да го претставува градот на светските изложби за архитектура, ќе наликува на евтина имитација и карикатура на  неокласицистичките градби од 18тиот и 19тиот век.
Класицизмот и неокласицизмот (XIX век) се угледувале на античката грчка и римска архитектура. Тие најмногу се употребувале при градењето на општествени објекти, како и при задоволувањето на малограѓанскиот вкус и поим за достоинство и монументалност на објектите. Теоретичарите на класицизмот длабоко ја врежале мислата кај луѓето дека монументалноста на објектите може да се изрази единствено преку класицизмот и дека секоја друга монументалност е неразбирлива. Затоа класицизмот подоцна станал голема пречка за проширување на прогресивната архитектонска мисла. Еклектичните форми на класицизмот одговарале на идеологијата на европските империи кои главно со такви објекти ги оформиле центрите на своите престолнини и на поголемите градови, кои денес претставуваат дел од нивните историски јадра.“
Желбата на нарачателот, Скопје да заличи на Рим, ќе се оствари со изградбата на македонската Il Palazzaccio.


- седиштето на италијанскиот Врховен суд - Palazzo di Giustizia – (изградена помеѓу 1889 and 1910) во Рим, позната како Il Palazzaccio (Грдата палата)

The triumph of eclecticism was achieved in the design of a colossal building aimed at hosting all the different courts of justice. The aim of the government was to build a monumental palace which would compete with those of the past. The winner of the competition was architect Guglielmo Calderini. The site chosen at the end of a new street which started from Via del Corso, near Chiesa della SS. Trinità  and across a new bridge, provided for the building a very fine perspective. It had however the disadvantage of being too close to the river and its marshy shore so that it took 22 years to complete it and the cost was enormous. The palace assembled elements of Renaissance and Neoclassicism styles with a rather Baroque excess of decoration and statues. Both for its destination and its appearance the Romans labelled it as il Palazzaccio (The ugly palace)
——————————————-
Овде може да погледнете некои одлични примери на судски згради – дела на реномирани светски архитекти и добитници на најпрестижната награда за архитектура – international Pritzker Architecture Prize >> Oscar Niemeyer, Zaha Hadid, Norman Foster, Richard Meier, Richard Rogers и други.




Wednesday, February 10, 2010

Асоцијација на Архитекти на Македонија: Став за проектот Скопје 2014

Во продолжение го објавуваме официјалниот став на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, издаден по вонредното собрание на 10.03.2010.

---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------


Вонредно Собрание на ААМ
10 март 2010
И З Ј А В А
за проектот СКОПЈЕ 2014

За даденостите
Пред неколку седмици, нам, граѓаните на Република Македонија, преку една јавна презентација преку електронските медиуми – интернет и телевизија, ни беше понудена една визија за тоа како Скопје, нашиот главен град, ќе изгледа во 2014 година. Не беше јасно, дали таа 3Д анимација требаше да претставува плод на, како што беше опишана „сериозна студија изработена од многубројни урбанисти, архитекти, скулптори, дизајнери, планери“, или како што беше кажано исто така преку медиумите, „увид на план даден на јавна расправа – т.е. на мислење на граѓаните“, односно увид во „концепт“ (според Министерката за култура) кој допрва треба да се развива.
Според актуелниот ГУП за градот Скопје треба да се направат исцрпни анализи врз основа на кои треба да се распише државен или меѓународен конкурс за редефинирање на централното градско подрачје, но за овој детален урбанистички план (ДУП) што се однесува на  „малиот ринг“ не беше распишан конкурс. Се распишуваа архитектонски конкурси за некои поединечни објекти во тој простор во време кога не беа донесени ни измените на важечкиот ДУП за истите објекти. Конкурсите беа со посебни барања за изгледот на фасадите, директно попречувајќи ја и брутално диктирајќи ја слободната архитектонска мисла. Не е почитувано ниту авторското право на објектите кои треба да бидат „преоблечени“ со нова фасада, ниту пак се водеше сметка за културното наследство , едноставно архитектурата се претвори во сценографија. Инаку, планот беше повеќе пати менуван, при што, ставањето на истиот на увид се случуваше за време на летниот период и за време на новогодишните празници, и тоа, само како план – основа, без никаков текстуален опис или друг вид на објаснување. По презентацијата на видео-материјалот, стручната јавност даде оценка на овој таканаречен развоен проект низ индивидуални настапи, на медиумски дебати или со прашалници, каде најчесто поставуваното прашање беше: „Дали ви се допаѓа или не?“.
Во проектот СКОПЈЕ 2014 недостасува методичност на размислувањето за градот, а со тоа и начините на репрезентација на архитектонската идеја. Се брза да се постигне инстант-историја, инстант-архитектура, инстант-град а тој важи за еден од најстарите, без да се води сметка за неговиот сложен економски, социолошки, културен, етнички склоп, за неговата одржливост. Чуден е и обидот да се редефинира урбаниот концепт на просторот со обично редење на објекти за кои се чини дека имаат тенденција да сокријат значајни објекти од други времиња во позадината.
Главната одлика на овој град е напластеноста на различни периоди со своите различни изрази. Тоа можеби создава фрагментирана слика за градот, но е сведоштво за континуитетот на неговото живеење и изграден доказ за тоа дека секое време ја остава својата трага, своја архитектура. Комплексноста на соживот расте постојано, а солидарноста не е само давање, туку и прифаќање на нештата. Не толку одамна, една таква солидарност му помогна на Скопје повторно да се крене и да застане на нозе. Како ние, како држава и народ, му се оддолжуваме на светот за тој силен гест? Тековите на социјалното и културното зреење се длабоко поврзани.
За архитектурата
Архитектонскиот стил претставува резултат од реализацијата на различните творечки методи и зависи од развојот на социо - функционалните, техничко-економските и идејно-естетските потреби на општеството. Искреното барање на архитектонските форми без намерна потрага по стилот е најсигурниот пат да се дојде до него. Притоа се мисли на барањето нови, а не на копирањето или имитирањето на старите форми, бидејќи големите архитектонско-уметнички епохи никогаш не ги имитирале епохите на своите предци. Современата архитектура како израз на демократските општества не подразбира диктат или канонизирање. Таа по својата изразна и обликовна појавност е апстрактна, така што барањето за некаков симболизам преставува ретроградна идеја воопшто. Ист е случајот и со концептот на монументализмот кој се забележува во сите просторно функционални содржини прикажани во новоскопската разгледница (надградени и накитени постојни објекти, новопроектирани згради, мостови, капии, споменични обележја итн., измешани функции дури и во еден објект). Оваа архитектура не соодветствува со модерните текови – таа е ретроградна.
За планот
Посебна приказна е нетранспарентноста во нарачката и изработката на измените и дополнувањата на ДУП-от за Малиот ринг што резултира во една конфликтна состојба помеѓу постојното и новопредвиденото. Нејасно е како се планира да се решат инфраструктурните проблеми при вакви густо планирани функции и содржини на толку ограничен простор. Се сомневаме во тоа дека се превземени опсежни урбанистички анализи на предметниот простор што е императив при отпочнување на ваква обемна градежна активност.
Проблем претставуваат и новите предвидени функции со планот со кои на градот му се одзема културниот центар, а со узурпација на јавниот простор. Вакви брзи одлуки за крупни прашања кои го тангираат функционирањето на градот и неговото централно подрачје се опасни и наивни. Наместо граѓанинот да биде во центарот на вниманието кога станува збор за планирање и проектирање, истиот е маргинализиран до степен на негово потполно исклучување како основен критериум за оформување на јавен урбан простор.
Таканаречениот концепт СКОПЈЕ 2014 не е квалитетна архитектонско урбанистичка визија на центарот на нашиот главен град. Несериозно е да се гради врз основа на псевдо-архитектонски решенија кои претендираат да разрешат прашања кои никој не ги поставува како: потрага по национален идентитет претставен на фасади на архитектонски објекти или пронаоѓање на матрица за национален урбанистички концепт на центарот на главниот град на државата. Надреалните идеологии за експресно раскажување на големо количество истории по кубен метар зафатнина град се измешаа со очекувањата за следење на текот на современата идеја по која денешната Европа се гради и развива. Гледаме синтетичка слика како “видео игра” отпосле, кога поединечни елементи се веќе во градба - паралелно се планира и се гради. Во оваа прилика ААМ се спротивставува на начинот на кој е доведен проектот до овој степен.

За конкурсите
Инаку, постои сериозна потреба од ревизија на начинот на кој се организирани конкурсите, затоа што тие ги шират хоризонтите и прават интернационален придонес на архитектонската мисла. Конкурсот треба :
-     да засведочи за едно време;
-       да симболизира една цивилизација;
-       да го подигне колективниот интерес (да ја подигне свеста за припадност и одговорност на местото во кое живееме, не останувајќи слепи за случувањата во светот, што не засега сите);
-       да даде одговор на новите потреби (енергетска, сообраќајна ефикасност, одржливост);
-       да го валоризира постојното и да го надоврзува новото, по принцип „и–и“;
-       да го поттикне развојот на креативноста, да открие нови млади таленти (кои покрај прочуените имиња и големи проектантски компании тешко би можеле да дојдат до израз);
-       да стимулира едукација;
-       да ја истакне улогата на архитектите во современото општество.
Самата институција конкурс, нејзиното организирање и спроведување треба да се  препушти на струката и нејзиниот експонент - Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Заложби на ААМ
ААМ се залага за почитување на целосна творечка слобода и самостојност на проектантите, став кој постојано го афирмира со наградите и признанијата кои ги доделува.
ААМ се залага за осмислена одржливост на проектот Скопје 2014  кој има навистина широко значење за градот и државата.
ААМ се залага за почитување на стандардите за квалитет за сите видови јавни објекти и јавни површини и воспоставување нивна соодветна пратечка инфраструктура.
ААМ инсистира особено да се преиспитаат измените на ДУП-от на левиот брег на Вардар, каде е пробиена границата на заштитната зона на регулацијата на реката Вардар од предвидените површини за градба кои едновремено ја узурпираат и јавната пешачка зона.
ААМ предлага да се изработи од високостручна група, Предлог-Програма за нов детален урбанистички план за централното градско подрачје, во согласност со ГУП и современите трендови, а  која би се усвоила по широка јавна расправа за потоа да се распише јавен меѓународен конкурс за изработка на тој план.
ААМ испраќа апел до инвеститорите, започнатите објекти да се стопираат во оваа/прва фаза на градба.

Заклучно согледување
Ние, архитектите заедно со граѓаните, сме ставени во недостојна позиција. И стручното и општото јавно мислење е исклучено во донесувањето на извонредно важни решенија од проектот СКОПЈЕ 2014.
Нужно е да се огласат оние кои мислат и делуваат поинаку.
Нашата теза не нуди готови решенија, таа има за цел да отвори прашања, да развие темелни дискусии, да го продолжи процесот на договарање и одлучување.
ААМ се оградува од проектот СКОПЈЕ 2014 ваков како што е, затоа што
во целост му недостига и временски, и географски, и политички, и економски, и културен, и социјален контекст.
Тој е стручно неиздржан .
Тој не ја антиципира иднината.



Saturday, February 6, 2010

Министерката за култура против Ајфеловата кула

Министерката за култура на Македонија во повеќе наврати зборувајќи за критиките на јавноста упатени кон “новите” визии за Скопје, ја раскажува приказната дека и Ајфеловата кула најпрво не била прифатена од јавноста, па потоа станала симбол на Париз.


Тоа е точно- Ајфеловата кула не била прифатена од јавноста, но многу е значајно да се каже зошто.
АЛЕКСАНДАР ГИСТАВ АЈФЕЛ (1832-1923) најпрво учел хемија, а подоцна му се посветил на градежништвото. Тој соработувал со различни градежни фирми, каде што се запознал со технологијата на градење и решил да ја унапреди со помош на нови откритија. Ајфел констатирал дека масивното лиено железо треба да се замени со конструкција од валано железо и челик, кои индустријата веќе ги произведувала. Истовремено, истражувајќи нови облици кои подобро би одговарале на статичките особини на тие материјали, тој ги открил металните решеткасти носачи.



Во тој период  (XIX век) академизмот во архитектурата е многу моќен- не е заинтересиран за новите достигнувања во техниката, ги конзервира поимите, творечката мисла и ја задржува архитектурата во застарените форми на градежните занаети. Сето ова не им дава можност на креативните инженери и архитекти да ги применат новите материјали и железни конструкции во изградбата на монументални или општествени  објекти. Примена на новите материјали и техники била возможна само кај инженерските и производствените хали и кај некои станбени објекти.
За да ја постигне поставената цел, унапредување на технологијата на градба, во 1867 Ајфел основал своја градежна компанија која призведувала метални елементи со голема прецизност, поради што почнале да пристигнуваат големи порачки и од надвор од Франција.  Неговата фирма има подигнато голем број мостови, станични хали, кровни и слични конструкции, со воведување на низа технички новини.  Најпознати објекти од тој вид се: мостот Дуро кај Порто (1878) и мостот Триер кај Гарабит (1884).


Ајфеловата кула  е изградена за Светската изложба во Париз (1889), а по нејзиното завршување било планирано да се демонтира. Раѓањето на таков нов облик на градба, кој немал никаква сличност со ниеден дотогашен објект и претставувал еден нов простор оформен од железни прачки бил несфатлив и одбивен за поголемиот број на граѓани, кои биле навикнати да ги гледаат еклектичните градби во нивниот град. За среќа околу 1910 година неколку уметници, Робер Делоне и Антоан Певзнер, застанале во одбрана на Ајфеловата кула, а со текот на времето и јавноста се навикнала на присуството на оваа 300 метарска градба, која денес претставува незаменлива доминанта во урбаната слика на Париз.
Оттука може да се заклучи дека контектсот во кој министерката за култура ја употребува приказната за Ајфеловата кула е комплетно погрешен. Случајот со Ајфеловата кула покажува дека  на париската јавност како и на конзервативните академии за архитектура и уметност им било потребно време и едукација за да прифатат нешто ново, модерно и напредно да ја претставува нивната метропола. На сличен отпор од широката јавност и конзервативните академии, наидувале скоро сите напредни и револуционерни идеи во уметноста, за после извесно време да бидат широко прифатени и изучувани.

Вистинскиот контекст во кој може да се употреби приказната за Ајфеловата кула е на пример да се опише како оваа македонска влада, но и претходните влади, не можат да ги препознаат вистинските вредности… не можат да прифатат дека архитектурата како и секое дело во уметноста треба да го носи печатот на времето, технолошкиот развој и просторот во кое се создава… не можат да прифатат дека со употреба на нови материјали, технологии на градба и соодветен метод на проектирање, може да се реконструираат некои од објектите срушени во земјотресот, без при тоа да претставуваат бледи копии од минатото…

Во приказната за Ајфеловата кула, министерката за култура и нејзините поддржувачи треба да се препознаат себе си во групата која се противела на изградбата на кулата и која била за зачувување на застарените форми на градежните занаети.



Friday, February 5, 2010

Визуелизација СКОПЈЕ 2014



Откако ја погледнавме скапата визуелизација за тоа како треба да изгледа Скопје  во 2014, ставот на Прва Архи Бригада останува непроменет. Ние и понатаму сметаме дека проектот на Владата претставува целосно и погрешно разоблучување на градот и од аспект на урбанизам и од аспект на архитектура, а секако и од аспект на инфраструктура која е целосно запоставена во проектот, а всушност е главен проблем на градот.
Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека не е точно тоа што го изјави Министерката за култура, која што одговорноста за ваквата историска грешка сака да им ја препише целосно на архитектите, под изговор дека конкурсите биле транспарентни, архитектите сами нуделе такви решенија во историски стилови. Вистината е дека во документациите на конкурсите стоеше “диктат” или урнек (со слика или текст)  од нарачателот,  за тоа како треба да изгледа фасадата и кој стил треба да се применува. Затоа одговорноста за ова историско промашување треба целосно да ја превземе владата-нарачателот, некои од архитектите послушници како и стручната јавност која не е доволно гласна во искажувањето на своето незадоволство од ваквиот развој во архитектурата.



Друг интересен момент кој зборува колку оваа идеја е промашена е дека самите луѓе на кои им се допаѓа видеото, коментираат дека Скопје конечно ќе заличи на европски град, на Париз, на Рим, на Венеција. Ја препознаваат архитектурата и елементите кои ги оформуваат историските јадра на тие  градови што значи дека целата приказна која владата сака да ја продаде со ова видео, за нашето македонско минато, нашето наследство и автентичната македонска архитектура, пропаѓа. Оние кои го бранат владиниот проект за разобличување на Скопје, говорат дека не треба да се прават copy/paste модерни згради од Европа и дека мора да се насочиме кон проектирање врз основа на нашите традиции, при тоа заборавајќи дека всушност проектот на владата е copy/paste на европските историски стилови.
Ние имаме неолит, антички градови и населби, имаме Византија, имаме средновековна станбена архитектура која била инспирација за создавање на некои од начелата на модерната архитектура, имаме османлиска архитектура. Конечно тие што сакаат да го видат нашиот македонски барок нека појдат во нашите цркви и манастири и нека ги погледанат извонредните иконостаси- тоа е нашиот барок, а не објектот на Министерството за надворешни. Имаме модерна архитектура, имаме земјотрес, имаме град на солидарноста и објекти донации од многу земји во светот. Имаме Кензо Танге, еден од најзначајните светски архитекти. Имаме наши  автори кои изградиле модерни згради инспирирајќи се од нашата традиција. Тоа се вистинските вредности кои ги поседуваме и со кои треба да се гордееме. Туристите од светот сигурно нема да дојдат во Скопје за да гледаат карикатури од неокласицизам, барок, неоантика изградени во 21виот век.




* на овој рендер заборавиле да ја стават 50 метарската кула- камбанерија на црквата која се наоѓа зад триумфалната порта и објектот на ЕВН.

------------------------