Friday, March 26, 2010

Промоција на првите 3 книги од новата едиција „Градот“



Еден од нашите текстови, првично постиран на овој блог, се најде во една од трите книги од новата едиција “Градот“. 

--------------------------------------------------------------------------------
Кога Гилгамеш, легендарниот сумерски принц и авантурист, се враќал од своите опеани талкања, најпрвин се симнувал во водата на одбранбениот круг околу тврдините и ја завлекувал раката во калта за да провери дали добро се држат темелите на градот.
Веројатно се плашел од тонењето на својот мил град, Урук.
Оваа нова едиција, чии први три книги ги претставуваме, има намера, меѓу другото, да ги преиспитува и чува темелите пред сѐ на нашиот сопствен град, но и духовните темели на градот сфатен како цивилизација, пристојност и толе­рантност. Како што потсетува големиот архитект, урбанист и писател, Богдан Богдановиќ, зборот урбанитет од 14 век па сѐ до денес во повеќето европски јазици го означува истото: артикулираност, стокменост, усогласеност на мислата и зборот, зборот и чувството, чувството и движењето...
Во првите две книги од едицијата „Градот“ застапени се вкупно 27 автори со 31 прилози. Станува збор за следниве автори: Георги Константиновски, Борис Чипан, Јасмина Силјаноска, Ана Ивановска, Минас Бакалчев, Јован Ивановски, Владимир Петрушевски, Небојша Вилиќ, Сузана Милевска, Копач, Арвидас Кртина, Ирена Цветковиќ, Пандалф Вулкански, Мирослав Грчев, Драган Поповски, Влатко П. Коробар, Радмила Шеќеринска, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, Мерсел Биљали, Жарко Трајаноски, Дејан Буѓевац, Петрула Костовска, Ана Ангелова, Томислав Османли, Ристо Лазаров, Михаил Токарев, Прва Архи-бригада. Им благодариме на сите нив за љубезноста и за правото текстовите да ги реобјавиме. Им благодариме и на медиумите каде што текстовите првично беа публикувани: Утрински весник, Дневник, Окно, Глобус, Сега, Нова Македонија, Фокус, Капиталpab.blog.mk иfemgerila.crnaovca.mk.
Главен поттик за едицијата е несреќниот проект „Скопје 2014“ пред два месеци, низ видео спот, промовиран од Владата на Република Македонија. Колку тој проект е несреќен и длабински промашен повеќе-помалку зборуваат педесетината текстови објавени во првите три книги на едицијата.
При подготовките на книгиве една од поважните забелешки беше следнава: зошто не ги пренесуваме и ставовите на авторите на проектот и на луѓето кои го одобруваат? Одговорот е прост: авторите на проектот се тајни; нема со кого да се полемизира. А што се однесува до незастапеноста на „другата страна“ има многу причини зашто во книгава ги нема апологетите на архитектонските проекти на ВМРО ДПМНЕ; најголемата причина е тоталитарната природа на актуелната македонска власт. Тоталитарно, во случајов, значи тотално неотстапување од замисленото и наполна игноранција на сите спротиставени мислења, без разлика дали се експертски или едноставно граѓански. Во таквата поставеност на работите, кога власта невидено силеџиски ги наметнува своите политички агенди (многу често тајно, зашто проектот „Скопје 2014“ се одвива од 2006, како што призна Мартин Протоѓер, а се промовира во 2010, како свршен чин) нема никаква логика ионака узурпираниот и корумпираниот јавен простор дополнително да го загадуваме со платените мислења на тезгарошите и на исплашените.
Најпосле, до кога ќе ја тераме таа лажна рамноправност, дека и игнорантот и експертот имаат подеднакво право да коментираат и одлучуваат за важни општествени прашања кои треба да бидат заштитени од политички и популистички манипулации и злоупотреби? Зошто да му дадеме рамноправен простор на некој што го сметаме за деструктивен, глуп и изманипулиран од моќта? Ние, издавачите на книгиве, држиме до тоа дека не се рамноправни сите ставови и мислења, иако сите луѓе законски се еднакви. Како што вели адвокатот Срѓа Поповиќ, секој има право, пред законот, да го соопшти своето мислење, но тоа не значи дека сите искажани мислења се еднакви. Таквата еднаквост не постои. Секогаш ќе постојат подобро аргументирани мислења, како и глупави, пропагандни или празни мислења. Постојат и објективни начини да се процени заснованоста на некое мислење. На пример, кредибилитетот на личноста. Неговата биографија. Неговата стручност. Нивото на општото знаење. Оној што лажел еднаш - голема е веројатноста дека ќе лаже пак.
Всушност, да го парафразираме Поповиќ, она што на извртувачите и на силеџиите најмногу им пречи во нашето мислење е што ние ја носиме вистината за нашиот современ миг, за владеењето на Груевски. Таа вистина е страшна и многумина луѓе би замижале пред таа вистина. Но, замижувањето нема да нѐ спаси. Напротив. Тоа мижење (од страв, од комфор...), само ќе го зголеми нашето пропаѓање. Заради тоа и решивме не само да не мижиме туку и отворено да зборуваме за она што го гледаме и чувствуваме.
Ја покренуваме оваа нова едиција на граѓанскиот отпор и зашто се обидуваме да го ширеме учењето дека главната карактерна црта на слободниот граѓанин, според Хана Арент, е храброста; но не исклучителниот хероизам на Ахил или дури дрската неустрашивост на некои од нашите партизани, туку просто секојдневната спремност да се напушти „приватното засолниште” и да се говори и дејствува во јавноста, да се раскрива и изложува сопственото мислење. „Храброста е политичка доблест од највисок ред, но тоа не е онаа храброст која стои наспроти кукавичлакот туку повеќе онаа која стои наспроти стравот од неизвесното.”
Никола Гелевски,
Уредник на едицијата „Градот“

ЛИНК http://okno.mk/node/5047

No comments:

Post a Comment