Saturday, March 26, 2011

Одбележуваме 2 години од Првото Архитектонско Востание - СКОПЈЕ 28 03 #2 -

И оваа година организираме изложба на најинтересниот градски изложбен простор. Повторно ќе ги употребиме металните панели од градилиштето на нашиот плоштад, за да протестираме со идеи, за да укажеме дека процесот на планирање треба да се отвори и да овозможи натпревар на концепти и слободна авторска мисла.

Ќе бидат изложени  проекти на студентите по архитектура. Овие проекти покажуваат дека Скопје има студенти кои размислуваат современо.

Ќе биде презентирана и публикацијата „ПРВА АРХИ БРИГАДА- Најнекомплетна архива“.

Ќе биде претставена нашата иницијатива до надлежните, за основање на Архитектонски центар во Скопје. Задачата на оваа инстутуција е да го архивира архитектонското минато, да ја презентира актуелната архитектура и да ги разгледува можните идни архитектонски правци. Скопје е град со карактеристичен архитектонски развој во светски рамки и заслужува ваква институција.




































Зошто на Скопје му е потребен Архитектонски Центар?

Задачата на еден Архитектонски центар е:

- да го архивира архитектонското минато (преку библиотека со публикации, перманентна изложба за архитектонската историја на градот, архива на видеа, мапи, планови, макети, фотографии итн.),

-да ги регистрира, презентира и анализира тековните настани во архитектурата (преку објавување на активни урбанистички планови, фотографии од актуелни проекти и објавување на архитектонска критика)

-да ги разгледува можните идни архитектонски правци. (преку презентирање на сработени истражувачки проекти за различни аспекти кои го засегаат градот и конкретни визии за градот инциирани од граѓаните или професионалците и дебатирање на одредени теми)


Поради одредени случувања како на пример големата градежна активност за време на османлиската окупација, обновата по катастрофалниот земјотрес во 1963-та, проектот „Скопје 2014“... нашиот град е честа тема на интерес на многу научни истражувачки проекти од  целиот свет. Секојдневно дознаваме за нови статии, публикации, конференции и трудови кои се посветени на нашиот град. Со основање на Архитектонски центар би се овозможила подобра соработка со колегите од надвор и презентирање на овие трудови посветени на Скопје,но најважно од се е што ќе се придонесе и кон унапредување на изградената средина кај нас, вистинско вреднување на добрата архитетура од минатите периоди и отворено планирање на иднината.

 Архитектонскиот центар ќе биде место каде ќе се сретнат интересите на професионалците од архитектурата и урбанизмот, градските власти, граѓаните, истражувачите. Резултатот кој се очекува е подобрување на состојбите во архитектонската професија во Македонија и подобрување на квалитетот на живеење во градовите тука. Центарот истовремено ќе служи и како информативна точка за сите граѓани, но и туристите за архитектонските аспекти на градот.

Скопје заслужува и има потреба од Архитектонски центар.



Прва Архи Бригада

26 03 2011

No comments:

Post a Comment