Tuesday, February 23, 2010

За Прва Архи Бригада

„Прва Архи Бригада“ не е невладина организација, туку неформална група на студенти од Архитектонски факултет и млади архитекти. Оваа група се формираше минатата година (2009) во март, со цел јавно да го искажува ставот за архитектонските и урбанистичките случувања во нашиот град. Главна инспирација за формирањето на нашата група беа архитектонските грешки кои веќе се направија (Влајко, Кинескиот ѕид, обновата на Кермез во дуплиран волумен, Спомен домот на Мајка Тереза, станбените згради т.н. торти) како и нетранспарентните конкурси и измени на ДУПот за Малиот ринг, поставување на градежни маркици на неприкладни места без притоа да се отворат јавни стручни дебати и секако игнорантскиот однос на актуелната власт кон целата стручна јавност. Нашата прва акција беше протестот на  28.03.2009, познат како Прво Архитектонско Востание кој меѓу другото беше против нелогично поставената парцела предвидена за изградба на црква. Оваа акција ја поддржаа неколку неформални групи и граѓани кои се противеа на идејата за изградба на црква од различни аспекти (секуларност, економска неоправданост, мултиконфесионалност, затворање на визури кон најавениот споменик на Александар и сл.). Акцијата ја финансираа студентите- архибригадири кои дадоа по 100 денари за се да купат 100 хамери и 2 спреја (вкупно околу 2300 денари) за израборка на транспарентите “Не го силувајте Скопје”. Исто така беа испринтани околу сто А4 листови на домашни принтери со изјави до медиумите и со објаснение на нашите ставови.
Следната акција на Прва Архи Бригада беше на 28.01.2010 против усвојување на новите измени за ДУПот за Мал ринг кои предвидуваа поставување на градежни маркици за државни институции на левиот брег на Вардар- на платото пред МОБ и новата филхармионија, како и несоодветно поставување на катни гаражи кои затвораат фасади и визури кон некои од најзначајните објекти на Скопје (Телекомуникацискиот центар и Холидеј Ин). Јавната анкета за измените на планот беше во периодот на новогодишните и божиќните празници, па скоро никој немаше можност да даде свој коментар за измените. Затоа неколку наши членови се собраа пред Општина Центар за да им поделат 20 писма на советниците, (испринтани на домашни принтери)  со аргументи зошто не треба да се усвои планот. Исто така им предложивме на советниците наместо фирмата која цело време ги изготвува плановите и предлага поставување на нелогични градежни маркици, да се распише конкурс за ново урбанистичко решение, преку кој ќе се пронајдат соодветни локации за изградба на државните институции.



Што се однесува до проектот „Скопје 2014“, Прва Архи Бригада досега реагираше само со изјави до медиумите каде ги образложи своите ставови за зачувување на платото пред МОБ и новата филхармонија и за дооформување на Културниот центар со изградба на објекти од културата (галерии, музички студија, продавници за инструменти, апартмани за уметници, работилници и сл.). Спонтаниот собир на плоштадот против проектот „Скопје 2014“ беше инициран од група граѓани, а следниот протест беше организиран од неформалното здружение „Плоштад Слобода“ и од невладината организација „Разбуди се“. На неколку медиуми активностите на „Плоштад Слобода“ беа погрешно пренесени како активности на „Прва Архи Бригада“. Ние имаме слични ставови со „Плоштад Слобода“ и затоа ги поддржуваме, но не би сакале медиумите погрешно да го употребуваат нашето име за активностите на било која друга група.

Инаку како Прва Архи Бригада досега учествувавме на неколку работилници на тема архитектура и урбанизам во Скопје; учествувавме и на Форум Скопје каде приложивме некои анализи и идејни решенија за одередени делови на градот; испративме  наша презентација за архитектонско-урбанистичките случувања  во Скопје на неколку регионални настани и изложби ( LINES [NOT] TO BE CROSSED – Виена; Cities Log-Tirana International Contemporary Art Biannual- Тирана; MISSION LESS PROBABLE, Контекст галерија- Белград). Досега немаме издадено никакви брошури или флаери, a своите ставови ги објавуваме на социјалните мрежи и на нашиот блог за 0 денари.
----------------------------

No comments:

Post a Comment