Saturday, January 19, 2019

Забелешки за Предлог Закон за просторно и урбанистичко планирање 2018


Минатата година, Комората на овластени архитекти и инженери на РМ формираше група за изработка на нов Закон за просторно и урбанистичко планирање, кој веројатно ќе се усвои во следниот период. На линкот подолу го споделуваме Предлог Законот за просторно и урбанистичко планирање со кој треба да се регулира планирањето, развојот и контролата на изградбата на просторот, односно постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови. 

Сметаме дека во процесите на изготвување на Законот, треба да има увид и пошироката јавност, односно да се земат во предвид и забелешките на граѓаните, кои директно ги чувствуваат сите намерно или случајно оставени “дупки“ во Законите. Силувањето на нашите градови, простори и имоти е директен производ на Законските решенија и правилниците за планирање и проектирање кои најчесто ги штитат интересите на властите, инвеститорите, урбаната мафија и т.н. перачите на пари.

Во Предлог Законот за просторно и урбанистичко планирање, остануваат непроменети некои членови на Законот кои во изминатите години се злоупотребуваа од страна на властите и урбаната мафија, а на штета на јавниот интерес.
Во продолжение ќе ги изнесеме нашите првични забелешки (кои ги доставивме до Комората), а се надеваме дека и стручната јавност, професорите од Архитектонски факултет и Асоцијацијата на архитекти на РМ, како и граѓанските здруженија кои се бават со овие проблематики, ќе ги објават јавно нивните забелешки на Предлог Законот. 

Апелираме Владата на РМ да отвори јавна стручна дебата преку која ќе може да дојдеме до подобра верзија на Законот за просторно и урбанистичко планирање и сродните закони и правилници. 
Конечно да направиме Закони кои ќе го штитат јавниот интерес и животната средина и ќе креираат просторни политики на одржлив развој и подобрување на стандардите за живот во нашата држава. 


ЗАБЕЛЕШКИ


I.
14.Јавна презентација и јавна анкета
Чл.50 гласи
(3) (...) Повикот до учесниците се упатува преку информацискиот систем е-урбанизам, се објавува на веб-страната на општината и се огласува со печатени плакати и соопштенија во и околу подрачјето на планскиот опфат. (...)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: Со цел да се спречат малверзации од страна на локалните власти или урбаната мафија и да се овозможи што поголем број на граѓани да бидат навремено информирани и вклучени во процесите на донесување на плановите преку учество на јавните анкети, сметаме дека општините треба задолжително да го објават повикот за организирање на јавна презентација и јавна анкета и на своите профили/страни на социјалните мрежи (фејбук, твитер) каде што најголем број граѓани непосредно и секојдневно ја следат работата на општините и остваруваат комуникација со претставниците на локалната самоуправа.
Сведоци сме дека во изминатите години секој обид на граѓанските активисти да ја информираат јавноста за организираните јавни анкети, преку лепење на плакати и соопштенија, беше неуспешен, затоа што партиски активисти веднаш ги отстрануваа истите. Дополнително, веб-страните на општините и информацискиот систем е-урбанизам речиси никој не ги користи секојдневно така што не би требало да се сметаат како медиуми за објавување на повик кој треба да допре до голем број граѓани. Според тоа сметаме дека во чл.50 став 3 треба да се додаде:

Чл.50 
(3) (...) Повикот до учесниците се упатува преку информацискиот систем е-урбанизам, се објавува на веб-страната на општината, се објавува на официјалната страна на општината на социјалните мрежи (фејсбук, твитер) и се огласува со печатени плакати и соопштенија во и околу подрачјето на планскиот опфат. (...)



II. 
14.Јавна презентација и јавна анкета
Чл.50 гласи
(7) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од донесувачот на планот. Прифатените забелешки задолжително се вградуваат во предлог планот, а извештајот е составен дел на предлог планот.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:  Со цел да се овозможи увид на јавноста и транспарентност во постапката на донесување на планот, сметаме дека Извештајот со образложение за прифатените и неприфатените забелешки, треба јавно да се објави на веб-станата на општината и на официјалната страна/профил на општината на социјалните мрежи (фејсбук, твитер). Според тоа сметаме дека треба да се додаде:

Чл.50 
(7) (...) Прифатените забелешки задолжително се вградуваат во предлог планот, а извештајот е составен дел на предлог планот и истиот се објавува на веб-страната на општината и на официјалната страна/профил на општината на социјалните мрежи (фејсбук, твитер)


III.
14.Јавна презентација и јавна анкета
Чл.50 гласи
(9) Доколку комисијата од став (7) на овој член, оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето и друго) повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета. (...)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:  Сметаме дека треба прецизно да се наведат сите случаи во кои се спроведува повторна јавна анкета, затоа што ваквата недефинираност (“и друго“) остава простор за малверзации и различни толкувања. Имено заради оваа дупка во Законот, легално се уништија цели населби и се обезвреднија имотите на граѓаните. На пример во Општина Карпош на јавните презентации, во нацрт плановите пред граѓаните се презентираа површини за градба со катност П+4, а во предлог планот односно усвоениот план истите површини за градба беа зголемени и нивната катност порасна на П+9, без притоа да се повикаат граѓаните на повторна јавна анкета. Бидејќи зголемување на катност на објектите и промена на површина за градба претставува значајна промена, сметаме дека  чл.20 ст.9 треба да гласи:

Чл.50 
(9) Доколку комисијата од став (7) на овој член, оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија, промена на намената на земјиштето, промена на површината за градење и регулаторните линии, промена на висина на градба и друго) повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета. (...)





IV.
16.Обврски за предавање, чување и презентација на плановите
Чл.52 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:  За поголема прегледност и лесен пристап до донесените урбанистички планови и плански документации, предлагаме Општините, особено општините во Град Скопје да имаат обврска да изработат и постават ГИС портали/апликации на нивните веб-страни, на кои прегледно ќе бидат објавени плановите. 



V.

Од позитивните измени кои се предлагаат со Предлог Законот за просторно и урбанистичко планирање 2018, ги издвојуваме: 

-формирање на Партиципативно тело (чл.46) за обезбедување на инклузивност на граѓаните во процесот на планирање и 

-основање на Градски завод за урбанизам (чл.72)  на кој му се доделуваат прилично јаки ингеренции и буџетско финансирање, а истовремено му се овозможува да изработува ГУПови, ДУПови и други плански документации (судир на интереси). Со тоа Градски завод за урбанизам наместо примарно да биде контролор, координатор, изработувач на плански програми / стратегии, центар за аналитика и сл, би претставувал нелојална конкуренција на планерските куќи. 



Оттука уште еднаш апелираме  Владата на РМ и Комората на овластени архитекти и инженери да отворат јавна стручна дебата преку која ќе може да дојдеме до подобра верзија на Законот за просторно и урбанистичко планирање и сродните закони и правилници кои итно треба да се променат за да спречиме понатамошно уништување на просторите. 




No comments:

Post a Comment