ПОУКИ ОД
МОДЕРНИЗАЦИИТЕ
СКОПЈЕ, МАКЕДОНИЈА
КУЛТУРНО
ИНФОРМАТИВЕН
ЦЕНТАР – КИЦ
(САЛОН 19/19)
1 - 2 април 2011
Конференцијата „Поуки од модернизациите“, во организација на „Коалицијата за одржлив
развој“, е дел од проектот „Недовршени модернизации: Помеѓу утопијата и прагматизмот“,
осмислен систематски да ги документира и да ги интерпретира модерната архитектура,
изградената средина и општествените пејзажи на земјите од поранешна Југославија, во
нивниот поширок општествен контекст.
Изградената средина во земјите од поранешна Југославија носи важен белег од зафатите
спроведени по Втората светска војна. Модернистичката архитектура и урбанизaм, според
својот обем и влијание, може да се заклучи дека се едни од доминантите на таа средина,
која денес припаѓа во регистарот на „историските урбани пејзажи“. Но, за да се разберат
вистинските достигнувања на модернистичката архитектура и на урбанизмот, неопходно е
да се земат во предвид и целите кои претходеле на нивната реализација, начините на кои
тие реализации своевремено биле прифатени, како и нивниот денешен статус и вредност
во рамките на постсоцијалистичкиот систем.
Ефектите и перцепцијата кон наследството од модернизацијата се менува; концепциите
кои некогаш биле оперативни, денес стануваат неспроведливи, но идејата за модерноста,
па според тоа и за процесите на модернизацијата, подразбираат постојано истражување,
преиспитивање и движење кон понапредни модели, што, пак, значи континуитет, како
на праксата, така и на критичката мисла. Но тoј континуитет во земјите од поранешна
Југославија, поради траумата со преминот од социјалистички во капиталистички систем,
или е прекинат или е сериозно доведен во прашањe.
На конференцијата ќе се настојува критички да се препознаат „поуките од модернизацијата”,
како и да се афирмиратаат нивните продуктивни достигнувања. Исто така, ќе се укаже
на новите практики во областа на архитектурата, урбанизмот и политиката на просторот,
кои ја споделуваат блискоста со идеалите и прогресивните аспирации на историските
модернизации, но воедно ги унапредуваат и ги актуелизираат, за да може да се соочат со
моментот на модерното време.
На првиот ден од Конференцијата познати предавачи и гости ќе ги изложат своите видувања
за политичките аспекти на југословенскиот урбанизам во периодот на самоуправниот
социјализам, и производот од таа комплексна реалност, која јасно ги покажува првичните
интенции, но и последователната неспособност за нивна реализација. Предавања ќе одржат
Ведран Мимица, директор на Берлаг институтот од Ротердам, Холандија, и д-р Влатко
Коробар, професор на Архитектонскиот факултет од Скопје. Архитектката м-р Дивна Пенчиќ ќе
го води разговорот со доајените на нашата архитектура, професорот Георги Константиновски
и архитектката Олга Папеш. Разговорот со Анета Спасоска, Драган Крстевски и Славица
Чавдаровска од Првата Архи Бригада и со Јане Стојаноски, Невенка Манчева и Весна
Митаноска од „Подмладување“ ќе го води архитектката м-р Билјана Стефановска.
За вториот ден според програмата се предвидени две панел дискусии, кои имаат за цел да
ги загатнат прашањата околу прогресивноста и архитектурата, како и да се обидат да ги
посочат оригиналните достигнувања во процесите на модернизацијата, но, и да поттикнат
преиспитување на оние потези, коишто на различни начини се покажале како неуспешни
од аспект на нивната основна цел, а тоа е просперитет на општеството.
Конференцијата ќе ја заокружиме со предавањетo на д-р Лукаш Станек, истражувач на Факултетот за
архитектура при Швајцарскиот федералeн институт за технологија од Цирих, и куратор на
изложбата „PRL™ Извозот на архитектурата и урбанизамот од социјалистичка Полска“ (Музеј
на современа уметност, Варшава, 2010).
Во рамките на конференцијата се одржува и изложба на Борбината сојузна награда за
архитектура. Изложбата ќе ги прикаже и ќе ги анализира победниците на единствената
државна награда за архитектура во социјалистичка Југославија, која беше доделувана од
страна на дневниот весник „Борба“. Оваа престижна награда беше главниот официјален
репер за оценка на квалитетот на архитектурата во поранешна Југославија, но, исто
така, преку неа се рефлектираше и се промовираше концептот на „братство и единство“
и формирањето на еден панјугословенски идентитeт. Изложбата е извонредна можност
да се види како архитектонските вредности на социјалистичкото општество се ценат од
перспектива на денешните, радикално изменети услови. Воедно, за прв пат на едно место
ќе бидат презентирани сите добитници на Борбината сојузна награда за архитектура, од
1965 до 1990 година.
„Недовршени модернизации - Помеѓу утопијата и прагматизмот” е двегодишен проект за
соработка и истражување од областа на архитектурата и урбаното планирање, заснован врз
принципот на широка соработка помеѓу граѓанскиот сектор и институците од Југоисточна
Европа: „Траект” и Уметничката галерија Марибор (Словенија), Здружението на хрватски
архитекти и Институтот за современа архитектура (Хрватска), Здружението на архитектите
од Белград, (Србија) и „Коалицијата за одржлив развој” (Македонија).
Тој е насочен кон поттикнување на интердисциплинарни истражувања (14 истражувачки
тимови) за изградената средина на просторот на поранешна Југославија, во еден поширок
социјален, политички и културен контекст, создавана во периодот од почетокот на заедничката
социјалистичка држава до денес. Темата на истражувањата е начинот на кој различните
концепти на модернизацијата ја условуваа архитектурата, територијалните трансформации и
урбаните феномени на просторoт на поранешна Југославија. Задачата на проектот е да посочи
ефективни, флексибилни и општествено одговорни модели на архитектура и нa урбанистичко
планирање. Иако во голема мера неистражени и без соодветна интерпретација, многу од
моделите создадени во регионот беа оригинални и експериментални, и тие денес може да
се користат како инспирација за прогресивни практики, како во регионот, така и пошироко,
вон регионалните граници.
Проектот „Недовршени модернизации“ се реализира преку бројни активности: конференции
(Загреб, Скопје, Белград, Сплит, Љубљана), изложби, филмски фестивали и публикации.
Својата завршница проектот ќе ја има на финалната изложба во Марибор (Словенија),
европската престолнина на културата за 2012 година
Проектот е поддржан од Извршната агенција за образование, аудовизуелизација и култура
(EACEA), Европската културна фондација (ECF), ERSTE Stiftung, Министерството за култура
на Хртватска, Министерството за култура на Република Македонија, Градот Скопје, Културно
информативен центар –КИЦ, Кралството Холандија, Прва Архи Бригада, Асоцијацијата на
архитекти на Македонија, „Тренч“ доо., „Тајфа“ и дневниот весник „Нова Македонија“.
01.04.2011
Културно информативен центар - КИЦ
(Салон 19/19)
17:00-17:30
Регистрација
17:30 -18:00
Отвoрање на Конференцијата Соња Дамчевска („Коалиција за одржлив развој“, Скопје)
За проектот „Недовршени модернизации“ Maроје Мрдуљаш (Архитектонски факултет, Загреб)
18:00 -22:30
Утописки патувања: Политичките аспекти на југословенскиот урбанизам во периодот на самоуправниот социјализам Ведран Мимица (Институт Берлаг)
„Големите работи” во Скопје: Нешто сосема нормално или производ на едно херојско време?
Интервју на архитектката Дивна Пенчиќ со професорот Георги Константиновки и архитектката Олга Папеш.
Навраќање на „Аеродром“ Влатко Коробар (Архитектонски факултет, Скопје)
Разговори за преиспитување на архитектонскиот јазик
Интервју на архитектктката Билјана Стефановска со Прва Архи Бригада и со „Подмладување“
Дискусија
22:30
Коктел
No comments:
Post a Comment