Sunday, March 29, 2009

Појаснување за сите оние кои сметаат дека во Македонија е невозможно да се размислува НЕЗАВИСНО - со своја глава и без партиска книшка и поддршка:

Вистина е дека на Скопје од поодамна му се случува регрес во полето на архитектурата и урбанизмот, (комплетна дерегулација, copy/paste станбени згради т.н. торти, турбо-фолк естетика, мостот Влајко, Кинескиот ѕид, обновата на Кермез во дуплиран волумен, идеи за реизградба на историски објекти-театарот и офицерскиот дом, произволно поставување на градежни парцели, наместени конкурси, законска регулатива со која сериозно се намалува квалитетот на живеење во градот, корумпирана локална самоуправа, корумпирани инвеститори, корумпирани архитекти т.н. урбана мафија и др...)

Овој регрес од доменот на приватните инвестиции, влезе на голема врата во доменот на државните инвестиции за изградба на капитални градби. Последен пример за тоа е изградбата на бизарниот објект за Спомен дом на Мајка Тереза. Студентите од Архитектонски благовремено реагираа со распишување петиција и ја информираа јавноста за нерегуларноста на конкурсот на кој што беше избран овој проект. За жал не се отвори поголема расправа околу ова прашање. Денес кога објектот е веќе изграден, се поголем број на граѓани го изразуваат своето незадоволство од неговиот изглед и функција и ги обвинуваат архитектите зошто не превземале поголема акција или протест за да го спречат градењето на истиот. Пред неколку дена бевме сведоци дека регресот не завршил тука. Имено во центарот на Скопје ненадејно и ненајавено беа поставени темелите на новиот Уставен суд/Археолошки музеј/ Архив во така наречен “нео-антички” стил. Речиси ништо не е познато во јавноста за целата постапка со која е одбран овој проект. Да потсетиме дека ова е капитален објект во центарот на главниот град кој би се градел со парите од даноците на сите граѓани и не смее да се протурка на мала врата без претходно да се отвори сериозна стручна (а НЕ политичка) расправа. 

Студентите од Архитектонски факултет веќе подолго време се обидуваа да се организираат и наместо со петиции, 
да го покажат незадоволството од “развојот” на главниот град со јавен МИРЕН протест (загарантирано демократско право). Свесни за исполитизираната двопартиска држава во која живееме и во која речиси е невозможно да искажете независен, професионален, критички став, без при тоа да бидете ставени во некаков партиски табор, сакавме протестот да го организираме веднаш по вториот круг на изборите. Меѓутоа заради ненадејното поставување на темелот на Уставениот суд/Археолошкиот музеј/ Архивот и заради најавата за поставување на темелот за верски објект-Црква на спорната градежна парцела 1.5 до крајот на март 2009, решивме да реагираме веднаш, со МИРЕН протест и да покренеме стручна (а НЕ политичка) расправа за поставеноста на градежната парцела 1.5 и воопшто за се што му се случува на Скопје од проетсорен аспект. Оваа наша иницијатива морално ја поддржаа неколку неформални здруженија на млади НЕЗАВИСНИ креативни луѓе и голем број на граѓани истомисленици кои се приклучија на нашата facebook група. 

Протестот беше организиран, најавен и уредно пријавен во полиција. Имавме редари и точна "кореографија" со која сакавме да го покажеме нашиот став против узурпација на плоштадот, на МИРЕН и достоинствен начин. Наидовме на наводно спонтано организиран контра протест - гневна толпа "верници Христијани", кои решија физички да не' нападнат само поради тоа што имавме поразличен став од нивниот. Без никаква провокација од наша страна, контра-протестантите решија да го покажат нивниот став со НАСИЛИЕ, со тупаници, навреди, закани, пцовки и клетви. Во меѓувреме малубројните полицајци, не превземаа речисти ништо за да не' заштитат од толпата.

Ние нема да бидеме како политичарите кои се борат за партиски поени и ја дефокусираат јавноста од суштината на нашиот протест, нашите аргументи и пораката која сакавме да пратиме. Ние нема да ги убедуваме граѓаните кој стои зад "спонтаниот контра-протест"
, нема да се бавиме со тоа кои партиски симпатизери решиле да присуствуваат на протестот или на контра-протестот...(сметаме дека граѓаните имаат до толку умствен и демократски капацитет). Напротив ќе продолжиме со нашите намери да ја кренеме јавната свест за тоа што му се случува на нашиот град пред се од архитектонски и урбанистички аспект, да повикаме на јавни стручни дебати, заедно да ги поддржиме добрите идеи и да ги посочиме лошите, со аргументи, а не со партиски книшки. 

Најостро ги осудуваме насилниците кои не тепаа, не навредуваа, ни се закануваа и го оспорија нашето демократко право на мирен протест. Се надеваме дека овие лица ќе одговараат за своите постапки пред законот и ќе бидат соодветно казнети.   


ПОЗДРАВ 
Прва Архи Бригада!
и не верувајте во се’ што ќе ви кажат на телевизија! 

No comments:

Post a Comment