Saturday, March 26, 2011

Одбележуваме 2 години од Првото Архитектонско Востание - СКОПЈЕ 28 03 #2 -

И оваа година организираме изложба на најинтересниот градски изложбен простор. Повторно ќе ги употребиме металните панели од градилиштето на нашиот плоштад, за да протестираме со идеи, за да укажеме дека процесот на планирање треба да се отвори и да овозможи натпревар на концепти и слободна авторска мисла.

Ќе бидат изложени  проекти на студентите по архитектура. Овие проекти покажуваат дека Скопје има студенти кои размислуваат современо.

Ќе биде презентирана и публикацијата „ПРВА АРХИ БРИГАДА- Најнекомплетна архива“.

Ќе биде претставена нашата иницијатива до надлежните, за основање на Архитектонски центар во Скопје. Задачата на оваа инстутуција е да го архивира архитектонското минато, да ја презентира актуелната архитектура и да ги разгледува можните идни архитектонски правци. Скопје е град со карактеристичен архитектонски развој во светски рамки и заслужува ваква институција.




































Зошто на Скопје му е потребен Архитектонски Центар?

Задачата на еден Архитектонски центар е:

- да го архивира архитектонското минато (преку библиотека со публикации, перманентна изложба за архитектонската историја на градот, архива на видеа, мапи, планови, макети, фотографии итн.),

-да ги регистрира, презентира и анализира тековните настани во архитектурата (преку објавување на активни урбанистички планови, фотографии од актуелни проекти и објавување на архитектонска критика)

-да ги разгледува можните идни архитектонски правци. (преку презентирање на сработени истражувачки проекти за различни аспекти кои го засегаат градот и конкретни визии за градот инциирани од граѓаните или професионалците и дебатирање на одредени теми)


Поради одредени случувања како на пример големата градежна активност за време на османлиската окупација, обновата по катастрофалниот земјотрес во 1963-та, проектот „Скопје 2014“... нашиот град е честа тема на интерес на многу научни истражувачки проекти од  целиот свет. Секојдневно дознаваме за нови статии, публикации, конференции и трудови кои се посветени на нашиот град. Со основање на Архитектонски центар би се овозможила подобра соработка со колегите од надвор и презентирање на овие трудови посветени на Скопје,но најважно од се е што ќе се придонесе и кон унапредување на изградената средина кај нас, вистинско вреднување на добрата архитетура од минатите периоди и отворено планирање на иднината.

 Архитектонскиот центар ќе биде место каде ќе се сретнат интересите на професионалците од архитектурата и урбанизмот, градските власти, граѓаните, истражувачите. Резултатот кој се очекува е подобрување на состојбите во архитектонската професија во Македонија и подобрување на квалитетот на живеење во градовите тука. Центарот истовремено ќе служи и како информативна точка за сите граѓани, но и туристите за архитектонските аспекти на градот.

Скопје заслужува и има потреба од Архитектонски центар.



Прва Архи Бригада

26 03 2011

Friday, March 11, 2011

Промоција на публикацијата "ПРВА АРХИ БРИГАДА - Најнекомплетна Архива"



Во просториите на поранешниот Културен центар ЦК, сегашно седиште на НВО „Креактив“, вечерва од 18 до 21 часот, во организација на „Прес ту егзит проџект спејс“ под наслов „Отвори го градот“, ќе се реализира дел од интернационалниот проект „Архипелаго Балкани“, кој се стреми да го идентификува градот како „отворен простор, место на размена и средба, на слобода и правичност, крстопат на култури во кој индивидуата може да стане граѓанин“.

Куратор е Клаудија Занфи (директорка на „аМАЗЕлаб“ од Милано), а партнери на „Прес ту егзит“, се Музејот на современа уметност од Сараево и Институтот за современа уметност од Тирана.

Вечерта ќе почне со промоција на публикацијата „Најнекомплетна Архива“ од архитектонското здружение „Прва архибригада“, најново публицистичко издание на „Прес ту егзит“ во рамките на програмата „Нови проектни продукции од македонски автори“, што ќе го промовира Јане Чаловски, заедно со членовите на „Бригадата“.

Планирано е одржување и на неформална трибина на која поканетите гости, како и публиката ќе имаат можност за отворен разговор во кој акцентот ќе биде ставен на градот како простор за критичко делување.

Во дискусијата ќе учествуваат поединци и организации од независната културна сцена во Скопје, а Клаудија Занфи на публиката ќе и' го претстави концептот на „Архипелаго Балкани“.

Ќе биде отворена и изложба на постери од 40 уметници и теоретичари од Балканот и од други делови на светот (кои прв пат беа изложени во „Модена“ на 9 октомври минатата година), дела на уметниците: Марина Абрамовиќ, Томас Хиршхорн, Раша Тодосијевиќ-Маринела Кожељ, Тадеј Погачар, Адријан Пачи, Срџан Јовановиќ-Вајс, Павел Браила, Билјана Ѓурѓевиќ, Жанета Вангели, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Оливер Мусовиќ, Билјана Стефановска, групата „Елементи“ (Билјана Исијанин и Љупчо Исијанин) и др. По Скопје постерите ќе бидат претставени и во Сараево (Музеј на современа уметност), Тирана (Институтот за современа уметност) и во Прага и во Берлин (ТИНА Б и на Интернационалниот уметнички фестивал „Ексчејнџ радикал моментс“. 

ЛИНК http://www.utrinski.mk/?ItemID=B82F47761E7AB5428B23316E0ABE0CC6

------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Во рамките на овој проект нам ни се укажа можност во форма на брошура, да претставиме дел од минатите и актуелните архитектонско-урбанистички тенденции во Скопје, како и дел од граѓанските реакции на истите.

Сметаме дека издавањето на оваа публикација каде ги групиравме овие информации и ги преведовме на англиски јазик, за странците би била добар вовед и запознавање со актуелните настани, а за граѓаните на Скопје една можеби поинаква zoom-out перспектива, потсетување, сведоштво за моменталната состојба или во најдобар случај инспирација за идни активности во борбата за отворање на процесите на планирање на градот.

Овој документ е збир на видувања базирани на најразлични официјални и неофицијални извори. Не станува збор за научно и методолошко истражување па оттаму доаѓа и насловот: „Најнекомплетната архива“ кој би требало да сугерира на недовршеност отвореност, можност за подобрување, дополнување, надградување, проширување, растење...