Tuesday, May 4, 2010

Изложба СКОПЈЕ 28 03 - надградена и проширена

од  04.05.2010 до 10.05.2010 во Културен центар ЦК



На 28. Март 2010 на плоштадот Македонија со симболична изложба Скопје 28 03, одбележавме 1 година од Првото архитектонско востание. Поради голем интерес изложбата, надградена и проширена, ја поставивме во културниот центар ЦК. Овој настан е мал обид да го сумираме она што му се случуваше на Скопје во изминатиов период, да се соочиме со реалноста и да размислуваме за новите предизвици. Симболично да покажеме дека при планирање на градот потребна е дебата,  стратегија,  различни идеи, избор,   транспарентност, слободна творечка мисла и вистинска јавна презентација.

Изложбата ќе трае од денес 4 мај до 10 мај и во склоп на истата ќе може да ги погледнете

- Скопје Zeitgeist – актуелните архитектонски и урбанистички случувања

- Запознај го градот [Модерно Скопје] - дел од архитектонското богатство на Скопје од периодот на Модерната

- Студентски проекти - доброволно учество на студентите од Архитектонски факултет

- Конкурсни решенија на одредени локации во Скопје за кои јавноста не е доволно информирана


Jавна анкета за измени на ДУП- Мал ринг
Последните измени на ДУП-от за централното подрачје беа донесени по скратена и нетранспарентна постапка, а јавните презентации и анкети беа организирани за време на летните одмори и новогодишните празници. Со оваа јавна анкета сакаме да им овозможиме на граѓаните да го искажат своето мислење за измените на ДУПот за Мал ринг, а пополнетите анкетни листови ќе ги доставиме до советот на Општина центар.



Во Четврток 06.05.2010 // 20:30ч.

Проекција на кратко видео за протестот на 28.03.2009
Видеото ги документира случувањата околу протестот „Прво архитектонско востание“ кој беше насилно прекинат.

Разговор за Скопје
Преку разговор со оние кои и понатаму ќе живеат и ќе создаваат архитектура во новонастанатиот урбан контекст, ќе се обидеме да одговориме на одредени прашанња, да антиципираме одредена реалност, на што и да се базира истата. И секако, најмногу од се', да го направиме тоа што сега не постои: да планираме и размислуваме за градот и неговите потреби заедно и отворено.



ПРВА АРХИ БРИГАДА
Неформална група на студенти

од Архитектонски факултет и млади архитекти