Во последно време македонската јавност е преокупирана со историските
стилови во архитекурата и уметноста. Центарот на Скопје на почетокот на 21 век
ќе претрпи целосно редефинирање на симболичкиот ред. Враќење кон своето минато,
но и позајмување елементи од нечие друго минато.
Во историјата на архитектурата и уметноста се забележани слични појави на
бегство кон минатото. Во продолжение следува извадок од книгата Современа архитектура од проф. д-р Михаил Токарев, каде се
образложени основните белези на класицизмот, академизмот, ларпурларизмот,
романтизмот, маниризмот и формализмот, чии реализации со заедничко име се
нарекуваат еклектична архитектура.
————————————————————————————————————————
Познато е дека на преминот од XIX во XX век се случуваат големи промени во
општествата пред се во материјалната и духовната сфера. Техничките откритија и
неочекуваниот индустриски развој вршат големи влијанија врз архитектурата. Архитектурата
како синтеза на уметноста и техниката, доживува таква еволуција, што се граничи
со револуција. Пионерите на модерната се нафрлаат врз некритичното преземање на
стиловите од минатото. Тие се свесни дека за фактот дека неостиловите имаат
создадено некои реализации со висок квалитет, но истовремено се убедени дека
таквата архитектура повеќе неможе да ги задоволи барањата на современото
општество.
ЕКЛЕКТИЦИЗМОТ НА XIX ВЕК И
НЕГОВИТЕ ПОРАЗИ
Архитектурата во поголемиот дел на XIX век, а особено во првата половина,
од страна на пионерите на модерната архитектура се нарекува еклектична. Со тоа
име се означува онаа архитектура или уметност, која во поглед на својата идеја
и израз, претставува враќање назад. Таквата архитектура и уметност некритички
ги презема елементите на минатите епохи и ги аплицира врз новите остварувања.
Во текот на XIX век уметниците, во поголема мера отколку архитектите,
подлога за своето творештво бараат во минатото, во вид на едно романтично
бегање од новонастанатата индустриска реалност, со што творците во XIX век
главно го избегнуваат креативниот труд за пронаоѓање на нови патишта во
архитектурата и уметноста. На таков начин создадената архитектура не
претставува одраз на новата општествена и техничка реалност. Во ретките случаи
кога ги прифаќа новите технички откритија, таа архитектура нив ги облекува во
историски фасади. Таквиот пристап најмногу е нагласен при создавање јавни
објекти, а најмалку при градење инженерски и производствени објекти. Сепак кон
крајот на векот во уметноста се појавува еден вид реализам, што го велича
секојдневниот живот и херојското страдање на обичниот човек, селанецот и
работникот. Овој реализам набргу се пренесува и во начинот на архитектонското
мислење.
А. КОЛЕБАЊАТА ВО АРХИТЕКТУРАТА
Напредните архитекти, помогнати од креативните инженери ја користат
дадената можност новите идеи да ги пласираат токму преку производствените
објекти. Сепак во текот на XIX век, се’ до пробивот на новите идеи, а подоцна и
паралелно со нив, се развиваат неколку видови еклектицизам. Во тој период се
појавуваат и архитектонски колебања, кои постепено ја подготвуваат почвата за
појава на една нова прогресивна архитектура. Таквите колебања се присутни и во
делата на одделни истакнати творци, кои во текот на својата работа поминуваат
од еден во друг вид еклектицизам.
За продлабочено сфаќање на периодот кога се направени постепени премини од
еклектицизмот кон пионерските пробиви на новите материјали и идеи, потребно е
претходно да биде направен краток опис на карактеристиките на главните видови
неостилови.
Главни видови на еклектицизмот во XIX век се: класицизам,
академизам, ларпурларизам, романтизам, маниризам и формализам.
КЛАСИЦИЗАМ
Класицизмот и неокласицизмот се угледуваат на античката грчка и римска
архитектура, што пред се’ е резултат на објавените книги за археолошките
откритија во античките населби и воспоставената наука за класичните редови. Тие
најмногу се употребуваат при градењето на општествени објекти, како и при
задоволувањето на малограѓанскиот вкус и поим за достоинство и монументалност
на објектите. Теоретичарите на класицизмот длабоко ја врежуваат мислата кај
луѓето дека монументалноста на објектите може да се изрази единствено преку
класицизмот и дека секоја друга монументалност е неразбирлива. Затоа класицизмот
подоцна станува голема пречка за проширување на прогресивната архитектонска
мисла. Главните карактеристики на класицизмот се следниве: дводимензионално а
не просторно размислување, како и силно изразена архитектонска пластика и
употреба на што повеќе столбови. Сето тоа е нормирано со строги правила. За
разлика од тие особини, познато е дека во антиката стилот е заснован на
постојаност и смиреност. Затоа поимот класично, за разлика од класицистичко, означува таква состојба на духот, во која
едноставноста и совршеноста на облиците претставуваат примарни елементи кои
треба да се истакнат над сите останати.
Еклектичните форми на класицизмот одговараат на идеологијата на европските
империи кои главно со такви објекти ги оформуваат центрите на своите
престолнини и на поголемите градови, кои денес претставуваат дел од нивните
историски јадра.
АКАДЕМИЗАМ
Академизмот претставува свесен или несвесен отпор на буржуазијата спрема
техничкиот напредок и неговото влијание врз развојот на архитектурата и
уметноста. На таков начин академизмот се појавува како највисок облик на
еклектицизам, бидејќи ги конзервира поимите па и творечката мисла. Тој присилно
ја задржува архитектурата во застарените форми на градежните занаети,
продлабочувајќи го јазот меѓу содржината и формата на објектите. Академизмот
доведува до шематизам во проектирањето, бидејќи декоративноста ја смета како
нешто најбитно во архитектурата и уметноста. Тој ја истакнува главната фасада
со нејзината декорација, создавајќи ограничено дводимензионално сфаќање на
архитектурата без простудирано просторно решение.
Идеите на академизмот ги застапуваат официјалните академии на архитектурата
и уметноста во западноевропските земји од XIX век. Секако дека најпозната од
нив е Академијата на убавите уметности (L’ecole des
beaux arts) во Париз, која на прагот на XXI век се’ уште постои и негува посебен однос
кон архитектурата како уметност.
Идеолошки гледано, крутите идеи на академизмот претставуваат остаток од
традиционалните идеали и претстави на феудализмот, кои погрешно се всадиле во
капиталистичкиот свет во вид на догма или во вид на една архитектонска
религија.
Универзално гледано, може да се каже дека со академизам завршуваат сите
движења (периоди) во развојот на архитектурата и уметноста, кога одвнатре
нагризени и истрошени тие повеќе не претставуваат ностители на напредната
мисла.
ЛАРПУРЛАРИЗАМ
Ларпурларизмот претставува плод на академизмот и своите дела ги смета за
врв на уметничко творештво. Неговите протагонисти не размислуваат за
функционалната оправданост на објектот или неговите делови, туку нив ги творат
само заради себе. Затоа таквата постапка го добива своето име уметност заради уметност.
До ларпурларизам се доаѓа преку упорниот развој на еклектичниот дух и вкус
на XIX век кон неговиот највисок облик академскиот еклектицизам. Него го брани
тесен круг академици, кои пред обичните луѓе уметноста сакаат да ја претстават
како непоимлива работа.
Во областа на архитектурата, во споредба со уметноста, ларпурларизмот доаѓа
до уште посилен израз, внесувајќи архитектонски орнаменти и фигуративни украси
во вид на мртви кулиси. За пионерите на модерната архитектура таквите украси се
непотребни бидејќи се нефункционални и нелогични, а честопати остануваат
невидливи кога се поставени врз завршните венци на објектите.
Голем број пионери на модерната своите напади ќе ги насочат против таквите
остатоци од архитектурата на XIX век. Со своите теориски расправи против
академскиот ларпурларизам најмногу ќе се истакне виенскиот архитект Адолф Лос
со своето дело Орнамент и злосторство, а потоа Ле Корбизје со
серија теориски расправи и написи во списанијата за архитектура и уметност.
РОМАНТИЗАМ
Романтизмот и класицизмот претставуваат два спротивни вида еклектицизам.
Романтизмот означува ослободување од математичко-симетричниот поредок на
нештата кој е несфатлив или одбивен за романтичните архитекти и уметници. Затоа
тие никогаш не се враќаат кон класиката која има строга композиција, туку кон
романиката, готиката или кон некои други живописни склопови на средновековната
архитектура.
Романтизмот во архитектурата и уметноста се темели врз сличното движење во
литературата на XIX век, кое проповеда враќање (бегање) кон природата и кон
националното. Таквиот приод кон архитектонското творештво значи капитулација
пред современите барања и пред потребата за решавање на судирот меѓу техниката
и уметноста.
И покрај тоа што романтизмот во XIX век е силно духовно движење, тој се
спроведува раситнето, особено во градителството. Објектите се пренатрупани со
наводно живописни мотиви: доксати , надѕидоци, стреловити кули и слични
елементи накитени со фигуративна и орнаментна пластика од различно потекло.
Во модерната архитектура, па и денес, романтизмот е најчесто присутен во
вид на индивидуална појава, наречена личен
романтизам. Тој претставува одраз на судирот со стварноста, со рационалните проблеми и
со новостите на прогресивната технологија, на која романтичниот архитект не и
дораснал. Бегајќи од објективните фактори на композицијата, денешниот
романтичен архитект се изживува во собирањето современи мотиви кои ги применува
без функционална оправданост. Од слични архитектонски идеи настана и еден од
петте правци на постмодерната архитектура, историцизмот. Историцизмот во 70тите
години на XX век заговара индивидуален избор на историски фрагменти и нивна
некритичка примена, со цел да се нагласи некаков симболизам на објектот.
МАНИРИЗАМ
Маниризмот во архитектурата и уметноста настанува кога откритијата на еден правец или на една цела културна епоха ќе им станат општо познати на сите творци. Тоа се случува кога напредокот на тој правец или епоха ќе го достигне својот максимум. Маниризмот се однесува на она творештво, во кое преовладува здобиената уметничка вештина и искуството на епохата што е на заминување. Тогаш, наместо креативното творештво, преовладува познавањето на вообичаените конструкции, како и техники на работа, на проектирањето и на цртањето. Тоа значи дека маниризмот се појавува во надолната линија на една културна епоха, кога започнува да доминира квантитетот во творештвото, а квалитетот е присутен само како занаетчиска вештина. Маниризмот како некритичка творечка постапка има повеќе варијации од кои неколку можат да се издвојата како поинтересни.
Поимот удобен маниризам настанува кога некој карактеристичен стар објект се повторува во еден или повеќе примероци. Така на пример, во Јужна Америка има случаи каде што некој стар европски објект е повторен повеќепати, понекогаш и во иста населба.
Маниризмот што и’ припаѓа на одередена епоха, може да се нарече епохален маниризам и претставува природен процес во развојот на цивилизацијата. Меѓутоа, маниризмот може да биде последица и на неприродни интервенции, кои за среќа се ретки, а за нас поучни. Таков е случајот кога во Советска Русија со соборувањето на прогресивното револуционерно творештво, во име на социјалистичкиот реализам е воведен т.н. маниризам од втор или трет степен. Тоа претставува помрачување на творечката мисла, што има извршено големо негативно влијание и надвор од Русија.
Постои и т.н. личен маниризам, кој е поврзан со делото на одреден творец, кога тој самиот себеси се повторува, без да ги прифати новите творечки предизвици, што ги нуди моментот кога се создава делото.
Додека работи маниристот не ужува во пронаоѓањето, туку пред очи ја има добивката до која ќе дојде по завршувањето на својата работа. За разлика од него инвентивниот творец, служејќи се со моќта на својата имагинација, пронаоѓа нови патишта на творештвото, при што не ги затвора очите ниту пред традицијата, ниту пред техничкиот напредок.
ФОРМАЛИЗАМ
Формализмот може да се претстави како заеднички именител на цела еклектична архитектура, во вид на произволно одбрани, конвенционално поддржани или измислени форми, без одредена творечка цел. Всушност тој претставува штуро обликување по секоја цена, средство за самозалажување на авторот, но и залажување на неупатениот набљудувач.
Може да се тврди дека луѓето низ целиот XIX век, па и почетокот на XX век, се залажувани со еден високо негуван и политички поддржуван формализам на еклектичната архитектура. Тоа значи дека формализмот исто како и оригиналноста, коренот го има во општествениот систем. Некои од поважните варијации на формализмот е потребно накусо да се опишат.
Давајќи и предност на формата над содржината, формализмот може да биде целосен или делумен, во зависност од тоа дали се однесува на целиот објект или на негови делови.
Релативно возвишениот формализам претставува плод на искрената, но погрешна желба за репрезентативност, при што освен архитектурата и орнаментната пластика, доаѓа до израз блиската соработка со ликовната уметност. Притоа, најчесто се испушта од вид дека вистинската репрезентативност се постигнува пред се’ со употреба на благородни материјали, а не со нивните сурогати од малтер.
Формализам од понизок и најнизок степен настанува кога вистинските рационални конструкции се облекуваат со историска обвивка, изработена од традиционален, а во некои случаи и од нов градежен материјал. Во тој случај модерните конструкции се употребуваат само поради нивната економичност, односно поради заштеда на пари. Меѓутоа тој ефект се анулира со нанесување релативно скапа лажна декорација врз таа конструкција. Од тоа произлегува дека во формализмот се крие едно лажно некултурно општествено сфаќање на архитектурата, во вид на противречност меѓу содржината и формата.
Формализмот во модерната архитектура се среќава како постапка на епигоните (поддржувачите) на истакнатите мајстори, бидејќи самите неможат да создадат сопствена творечка метода. Тоа може да биде постапка како на мрзливците така и на кариеристите, кои сакаат што побргу да дојдат до добивка, без поголеми умствени напрегања. Нивната способност претставува негативна, а понекогаш и разорна појава во развојот на архитектурата. Затоа е потребно таквиот формализам да се разобличува секогаш и насекаде.